Чавушоглу: Годинава можна средба за Сирија на претседателско ниво

Министерот за надворешни работи на Турција, Мевлут Чавушоглу, изјави дека евентуалната средба на ниво на шефови на држави за Сирија најверојатно ќе се одржи оваа година.

Во телевизиското интервју Чавушоглу рече во следната фаза по четирилатералниот состанок за Сирија меѓу Анкара, Москва, Техеран и Дамаск во среда, планира да одржи состанок на ниво на шефови на држави.

„Тоа, многу веројатно, ќе биде направено во 2023 година“, додаде тој.

Во врска со претстојниот состанок на министерско ниво за надворешни работи за Сирија во главниот руски град Москва, Чавушоглу рече дека разговорите ќе започнат во среда наутро, а ќе има и билатерални разговори. Иран потврди дека ќе учествува на министерско ниво.

„Примарна цел на овој ангажман е заживување на политичкиот процес. Без овој процес и политичко решение, конфликтот во земјата може да продолжи со децении“, рече тој.

„Дополнително, овој ангажман е ‘витално важен’ за Сиријците во Турција да се вратат во своите домови“, рече тој, пренесе ТРТ Балкан.

„Исто така, друга точка на агендата на состанокот е борбата против терористите во регионот“, рече тој, додавајќи дека борбата против терористичките организации ДЕАШ и ПКК/ЈПГ е многу важна и за Турција и за Сирија.

Тој додаде дека на средбата има теми на кои треба да се осврнат, како што се хуманитарните прашања и дека е неопходно да се соработува со сирискиот режим за овие прашања.

Потсетувајќи на посветеноста на Турција за територијалниот интегритет и суверенитет на Сирија, тој рече: „Турција е една од земјите што најмногу го поддржуваат територијалниот интегритет на Сирија. Ова прашање е од витално значење за Анкара.“

Истакнувајќи дека треба да се преземат чекори за да се обезбеди единство во Сирија и треба да се преземе заедничка акција во овој поглед, Чавушоглу рече: „На Сирија ѝ е потребна трајна нормализација и ние сакаме да придонесеме за тоа.“

Минатиот декември министрите за одбрана и шефовите на разузнавање на Турција, Русија и сирискиот режим се состанаа во Москва и се договорија да продолжат со трипартитните состаноци за да се обезбеди стабилност во Сирија и поширокиот регион.

Иран, исто така, беше вклучен во разговорите, при што Турција претходно изјави дека Анкара ќе биде „задоволна доколку Иран биде вклучен во овој процес“.

Освен тоа, повторувајќи ги напорите на Турција за нормализација на односите со Ерменија, Чавушоглу рече дека нивна цел е да преземат некои чекори кон нормализација со Ерменија и да придонесат за мировните преговори меѓу Ерменија и Азербејџан.

Запрашан за инаугурацијата на „Споменикот Немезис“ во ерменскиот главен град Ереван, тој рече дека со споменикот Ерменија уште еднаш покажала дека „не е искрена во процесот на нормализација“.

Споменикот е посветен на сторителите на атентати врз османлиските политички и воени лидери во раните 1920-ти години, како и на тогашните азербејџански функционери, па дури и на некои османлиски граѓани со ерменско потекло, се вели во соопштението на турското Министерство за надворешни работи.

Чавушоглу, исто така, нагласи дека „не е прифатливо да им се подигне статуа на терористи што убиле дипломати, османлиски и азербејџански функционери“.

​​​​​​​ „Турција ја предупреди Ерменија дека ќе ги преземе ‘потребните чекори’ доколку не ја отстранат статуата“, рече тој.