„Во однос на членството на Финска и Шведска, ставот на Туркије е јасен и транспарентен“
Турскиот министер за надворешни работи, Мевлут Чавушоглу, денес потсети на ветувањата на Шведска и Финска за нивните кандидатури за пристап во НАТО, велејќи дека е невозможно да се одобри кандидатурата на Шведска „без да се видат преземените чекори“.
„Во однос на членството на Финска и Шведска, ставот на Туркије е јасен и транспарентен“, рече Чавушоглу на заедничката прес-конференција со унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто, кој пристигна во Анкара во посетата за солидарност по земјотресите што се случија на 6 февруари.
Потсетувајќи дека тероризмот е една од двете главни закани за НАТО, Чавушоглу рече дека Туркије очекува двете нордиски земји да одговорат на загриженоста на Анкара во врска со борбата против тероризмот.
Од потпишувањето на трилатералниот меморандум на Самитот на НАТО во Мадрид во јуни 2022 година, Чавушоглу рече дека „не постојат никакви задоволителни чекори преземени од Шведска“.
„Постојат ветувања [од Шведска и Финска] за членството во НАТО. Невозможно е да кажеме „да“ за членството на Шведска во НАТО без да ги видиме овие чекори“, рече тој.
Турскиот министер, исто така, рече дека кандидатурите за НАТО на двете нордиски земји може да се оценуваат одделно, бидејќи Туркије е попозитивна кон процесот на Финска.
Чавушоглу потсети на воспоставениот механизам меѓу Туркије, Шведска и Финска и рече дека е корисно третата средба на механизмот да се одржи во Брисел.