Чарлс Дикенс – генијален писател, но нула од човек: Сакал да ја затвори сопругата во лудница како би живеел со љубовницата!
Распадот на 22-годишниот брак на писателот Чарлс Дикенс и неговата сопруга Кетрин Дикенс е добро документиран. Како и суровоста на авторот кон неговата сопруга, пишува „Стил“.
Меѓутоа, откако се појавија мноштво новооткриени писма, се покажа дека Дикенс одел дотаму што испланирал да ја смести својата совршено здрава жена во ментална установа, сè со цел да може да живее со својата љубовница.
Еден документ со 98 писма опишува колку Дикенс бил прецизен и итар во својот обид да ја напушти сопругата и да живее со љубовницата – без никакви последици. Тој одел толку далеку, што се обидел да ја прикаже својата нормална жена како психички болна.
Во периодот кога се разделувале, писателот му напишал писмо на својот агент, во кое тврдел дека Кетрин сакала да се исели од нивниот дом бидејќи има „ментално нарушување со кое живее секојдневно“.
Писмото стигнало до јавноста и станало, на некој начин, тема за озборување. Некои велат дека писателот сам го објавил, за да може да ја контролира приказната за неговата разделба од сопругата. Тој ја етикетирал Кетрин како „товар“ на кој веќе не може да му помогне.
Во првите години од нивниот брак, Дикенс ѝ се обраќал на својата сопруга со „мојот најмил живот“ во писмата испратени до неа, но сето тоа бргу се променило кога писателот започнал афера со 18-годишна актерка. Откако ја запознал Елен „Нели“ Тернан, тој бил и со двете во исто време, сè додека официјално не се разделил од Кетрин, што било сосема невообичаено за тоа време.
Во меѓувреме, Кетрин се борела со тоа да го прифати фактот дека повеќе не живее во семејната куќа, каде што ги одгледала своите десет деца. Нејзината верзија на настаните досега не била разгледана.
Откритието дека Чарлс Дикенс се обидел да ја хоспитализира својата сопруга во ментална установа е секако шокантно, но уште полошо е тоа што постојат докази дека луѓето знаеле за оваа измама. И тоа блиски луѓе на поранешната сопруга на Дикенс. Нејзината тетка, Хелен Томпсон, тврдела дека писателот се обидел да ја убеди дека докторот на Кетрин ја дијагностицирал како ментално неспособна, но нејзиниот запис бил отфрлен како фалсификат.
За жал, од овој пример можеме да заклучиме дека дури и книжевните генијалци се сложени човечки суштества, кои и самите се способни за суровоста што ја осудуваат.