Чествување на 2 Август, Ковачевски во Скопје, Џафери во Крушево, Пендаровски во Пелинце

На 2 Август- Денот на Републиката – Илинден, што годинава се чествува под слоганот „120 години Илинден – Огниште на татковината“, премиерот Димитар Ковачевски ќе се обрати на свеченост на тврдината Кале во Скопје, претседателот на Собранието Талат Џафери на Мечкин Камен во Крушево, а претседателот Стево Пендаровски во Меморијалниот центар АСНОМ во Пелинце, информира попладнево владината прес-служба.

Во Крушево, утре, традиционално, во организација на НКС „Десет дена Крушевска Република“ се отвора истоимената манифестација која ги претставува културата, традицијата и историјата на Крушево, пред нашите граѓани, а на отворањето ќе се обрати Ковачевски, најави владината прес-служба.

-Делегации на Владата учествуваат на сите настани опфатени со државната програма за одбележување на државниот празник 2 Август – Денот на Републиката – Илинден. Одбележувањето на Денот на Републиката, Илинден на 2- Август ќе започне со настаните во Скопје, каде на свечена манифестација на тврдината Кале во Скопје ќе се обрати премиерот Ковачевски, а  владини делегации ќе положат цвеќе на повеќе локации во градот, соопштуваат од Владата во информацијата за програмата за одбележување на празникот.

Според најавата, на 2 август во 8:30 часот владина делегација во чиј состав се министерот за надворешни работи Бујар Османи, министерот за транспорт и врски Благој Бочварски  и заменик министерката за правда, Викторија Аврамовска Мадиќ ќе положат цвеќе на споменикот на АСНОМ во паркот „Жена Борец“ во Скопје, на споменикот на Никола Карев пред Собранието, како и на спомен-обележјето на Методија Андонов-Ченто на Градскиот плоштад.

Свечената манифестација во Скопје, продолжува на тврдината Кале во Скопје, во 9:30 часот, каде по положувањето цвеќе пред споменикот на слободата „Сила, слава и победа”, ќе се обрати Ковачевски, по што ќе следи културно уметничка програма.  Ковачевски таму ја предводи владината делегација во чиј состав се првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Артан Груби, вицепремиерот за економски прашања и координација на економските ресори Фатмир Битиќи, министерката за одбрана Славјанка Петровска.

Од Владата информираат дека претседателот на Собранието, Талат Џафери, предводејќи државна делегација со државни почести и чествувања ќе го одбележи големиот национален празник Илинден во Крушево.

Во состав на владината делегација на чествувањето на државниот празник 2 Август – Денот на Републиката – Илинден во Крушево се, министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски, министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска, како и министерот за образование и наука, Јетон Шаќири.

Владината делегација ќе се поклони и ќе оддаде почит положувајќи цвеќе  на вечното почивалиште на првиот претседател на Крушевската Република, Никола Карев во споменикот „Македониум“ на Гумење и на споменикот на паднатите борци на Слива, кои се симбол на жртвата на востаниците за одбрана на Крушевската Република, со почеток во 9 часот.

Од 10 часот, со присуство на панихидата за загинатите Илинденци во црквата „Св. Никола“, на владината делегација и со положување цвеќе на споменикот на Мечкин Камен продолжува церемонијата во чест на националниот празник, по што на Мечкин Kамен во 11:30 часот, започнува манифестацијата на која ќе се обрати претседателот на Собранието, Џафери.

Во рамки на централниот дел од државната програма за чествување на 2 Август во Крушево ќе биде одржана празнична културно-уметничка програма.

Претседателот на државата Стево Пендаровски во 10:15 часот, по повод одбележувањето на 2 Август, Илинден – Денот на Републиката, на 2 август 2023 година, ќе се обрати пред Меморијалниот центар АСНОМ, во Пелинце.

Во чест на Првото заседание на Антифашистичкото Собрание на Народното ослободување на Македонија – АСНОМ, пред споменикот на АСНОМ, ќе биде положено свежо цвеќе, по што претседателот Пендаровски, ќе се обрати и следува организирана културно-уметничка програма.

На споменикот на АСНОМ во Меморијалниот центар Пелинце, по повод националниот празник Илинден, владината делегација ја сочинуваат министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, министерката за животна средина и просторно планирање, Каја Шукова, министерот за информатичко општество и администрација, Азир Алиу.

Свечената програма за одбележување на Денот на Републиката и оваа година го опфаќа традиционалното чествување на Илинден во Смилево во организација на Општината Демир Хисар, каде се чествува со положување цвеќе и фолклорна манифестација.

Од 09 часот, владината делегација, во состав на заменик министерот за финансии Филип Николовски и националниот координатор за интеркултурализам, едно општество, развој на културата и меѓуресорска соработка Роберт Алаѓозовски, ќе оддадат почит на могилата Даме Груев, споменикот на смилевските Илинденци и  спомен плочата на Смилевскиот партизански одред, по што следува посета на Меморијалниот музеј, положување цвеќе на споменикот на Даме Груев, по што во спомен паркот „Даме Груев“ започнува традиционалната прослава.