Честитки од градоначалниците од дебарскиот регион по повод Велигден 

 – Честитки по повод најголемиот христијански празник Христовото воскресение Велигден упатија градоначалниците од поширокиот дебарски регион, како и Сојузот на Македонците со исламска религија (СМИР).

– Велигденските празници нека го исполнат секој дом со мир, радост, љубов, здравје и бериќет. И овој, како и сите празници да ги одбележиме заедно, како што тоа е традиција на нашите простори, посака градоначалникот на Дебар, Хекуран Дука.

Од свое лично име и од името на Советот и општинската администрација честитки по повод празникот со сите православни верници во општина Маврово и Ростуше упати градоначалникот Медат Куртовски.

– Во духот на љубовта кон човештвото, да се упатиме кон правдата и вистината, да понудиме помош на сите на кои им е потребна. Нека во нашите срца и души се всели духовен мир и спокојство, радост и разбирање. Ви посакувам многу здравје, среќа, љубов, хармонија, верба, истрајност и трпение, наведува Куртовски во честитката.

Честитка до верниците упати и градоначалникот на општина Центар Жупа, Аријан Ибраим,  посакувајќи им на верниците да го поминат во радост и среќа со најблиските и со желби за здравје и благосостојба.

По повод Христовото воскресение честитка упати и Сојузот на Македонците со исламска религија.

– До сите православни христијани, во мое и во име на Сојузот, искрени честитки по повод големиот празник Велигден, со желби за многу среќа, здравје, бериќет, стои во честитката потпишана од претседателот Латиф Пајкоски.