Долгорочните врски и бракови природно носат несогласувања кои, доколку не се решат правилно, можат да создадат тензии и да ги разделат партнерите.
Иако темите на расправиите варираат , постојат неколку клучни прашања кои често се повторуваат и можат да предизвикаат сериозни несогласувања меѓу партнерите.
Ги откриваме четирите најчести теми што можат да станат извор на конфликт меѓу паровите .
Пари

Проблемите со парите честопати се причина за несогласување меѓу партнерите. Одредувањето на што да се трошат пари, колку да се заштеди, дали да се има заеднички или посебен буџет и како да се поделат сметките може да стане сериозен извор на тензии.
Проблемот често се влошува кога финансиската состојба станува затегната – кога парите снемуваат или долговите растат. Во такви ситуации, партнерите честопати имаат различни ставови за финансиските цели и стратегии, што може да доведе до недоразбирања и фрустрации.
Делење на домашните обврски
Кој ќе ги извршува домашните работи , колку често и на кој начин, е едно од прашањата што може да создаде тензија. Кога едниот партнер се чувствува преоптоварен со домашните обврски, а другиот не го смета тоа за приоритет, можат да се појават несогласувања.
Воспоставувањето рамнотежа во распределбата на домашните обврски не е само прашање на праведност, туку и показател за меѓусебно почитување и соработка во врската .
Односи со семејството и пријателите

Понекогаш партнерите имаат различни ставови за тоа колку време треба да поминуваат со семејството и пријателите , што може да предизвика расправии, особено ако едниот партнер смета дека другиот поминува премногу време со едниот од нив.
Поставувањето јасни граници и искрената комуникација за тоа што е прифатливо, а што не, помага да се намалат тензиите и несогласувањата што можат да се појават поради надворешни влијанија.
Интимност и блискост
Интимноста, без разлика дали е физичка или емоционална , е еден од чувствителните аспекти на врската. Различните партнери може да имаат различни потреби во однос на нежност, разговор или физички контакт.
Кога едниот партнер чувствува недостаток на блискост , додека другиот не го дели истото чувство, можат да се појават несогласувања. Важно е да ги препознаете овие разлики и редовно да комуницирате за тоа како се чувствувате двајцата со цел да одржите емотивна врска.