Чеченците, Грузијците, Татарите и Белорусите се борат на страната на Украина: „Сакаме одмазда. Ова е увертира кон крајната цел“
Тие се поценети од западните доброволци бидејќи зборуваат руски, а некои и украински, па затоа се користат за диверзантски операции зад непријателските линии.
Чеченци, Грузијци, Кримски Татари, Белоруси: бројни доброволци од поранешните советски републики пристигнаа во Украина да се борат против Русија. Многумина се надеваат дека ова искуство ќе им помогне да се борат против автократите во сопствената земја, пишува Њујорк Тајмс.
„На Украина не и недостасуваат луѓе, но видовме што се случува и моравме да се придружиме“, вели Муслим Мадиев, заменик командант на чеченскиот баталјон Дудаев, во кој покрај Чеченците се борат Кримските Татари и Украинците.
Мадиев учествувал во две чеченски војни, а живее во Украина од 2016 година. Тој беше соработник на Џохар Дудаев, поранешен советски генерал кој ги предводеше Чеченците во борбата за независност во 1990-тите. И други доброволци од таа единица живееле во Украина пред руската инвазија, другите морале да минуваат низ перипетии со визи, поради што украинските команданти би можеле да бидат сомнителни.
Баталјонот Дудаев е една од неколкуте чеченски единици кои се борат на страната на Украина не само по руската инвазија во февруари, туку и од проруското сепаратистичко востание во источна Украина и руската анексија на Крим во 2014 година.
За помладите Чеченци во баталјонот, оваа борба е увертира за крајната цел: ослободување на Чеченија, пренесува Њујорк Тајмс. Во октомври, украинскиот парламент гласаше за барањето за признавање на Чеченската Република Ичкерија како територија окупирана од Русија.
Волонтери од Белорусија формираа полк од илјада луѓе, Татарите и туркофонските групи имаат свои единици. Бегалецот од Киргистан, Алмаз Кудабек, е командант на волонтерскиот баталјон Туран, составен од припадници на туркофонските народи од Кавказ, Централна Азија и Русија, кои се бореле во регионот Запорожје во декември.
Повеќето од членовите на тие поранешни малцински народи во Советскиот Сојуз се мотивирани од желбата за одмазда, според Њујорк Тајмс: Чеченците и Татарите, на пример, беа десеткувани од присилните депортации на Сталин во 1940-тите. Киргистанецот Алмаз Кудабек работел како бербер во американските бази во својата татковина и во Кандахар, Авганистан. Во Туран регрутирал Азербејџанци, Татари и кинески Ујгури. Тој ја обвинува Москва дека мобилизирала млада армија, главно од оддалечените и посиромашни региони на Русија, за војната во Украина, па туркофонските млади луѓе загинале многу повеќе од самите Руси.
На страната на Украинците се борат и мал број Руси, меѓу нив има и руски националисти и неонацисти кои му се спротивставуваат на Путин. Меѓу волонтерите од Белорусија има и противници на белорускиот автократски лидер Александар Лукашенко. Нивното учество во војната е деликатно за Украина, пишува американскиот весник, бидејќи повеќето од нив сакаат да се вратат дома и да ги соборат руските и белоруските власти. Украинските воени претставници одбија да коментираат за нивното учество во одбраната, додека самите доброволци велат дека дејствуваат со целосно знаење и под наредба на украинската војска и разузнавачките служби.
Волонтерите од поранешните советски републики се на многу начини покорисни од војниците од голем број западни земји кои дојдоа да и помогнат на Украина на покана на украинскиот претседател Володимир Зеленски. Повеќето од нив зборуваат руски, а понекогаш и украински. А некои, како група Грузијци во Кавкаската легија, имаат воено искуство со силите предводени од НАТО во Авганистан.
Странските трупи се жалат на недостаток на поддршка од официјален Киев. Шефот на чеченскиот баталјон вели дека освен оружје и муниција, сè мора да обезбедат сами: храна, гориво и опрема. Водачот на рускиот полк, екстремно десничарски националист кој го носи кодното име Вајт Рекс, се жали дека наишол на бројни пречки откако ја формирал единицата.
Иако живеел во Украина неколку години, како и другите волонтери, Украинците на почетокот гледале со сомнеж во нив. „Нѐ држеа под закана со оружје“, се пожали тој.
Сега рускиот полк, како и другите национални единици со војници од поранешниот СССР, дејствува претежно зад руските линии, извршувајќи извидувачки и диверзантски мисии.