Членовите на балканскиот картел уапсени во голема акција на шпанските агенти: Срби и Албанци пристигнаа на пристаништето за да „извадат“ тон кокаин од банани!
Шпанските полициски агенти вчера уапсија девет членови на таканаречениот „балкански картел“ и запленија еден тон кокаин кој со брод од Јужна Америка пристигнал во пристаништето Виго, јавува vigoe.es.
Според нив, бродот пристигнал на пристаништето во четвртокот и агентите откриле дрога во еден од контејнерите со овошје.
– Судејќи по апсењето на девет членови на групата, Срби и Албанци, најверојатно се работи за „балкански картел“. Некои од осомничените се уапсени околу трговскиот центар и станицата, каде вчера имало повеќе полицајци од вообичаено – наведуваат и додаваат дека оваа група е поврзана со последната заплена на 1,2 тони кокаин во пристаништето Гвајакил во Еквадор, на крајот на декември.
– Кокаинот потоа бил скриен во лименки со туна и бил наменет и за пристаништето Виго – наведуваат тие.
Шпанската полиција, како што додаваат, сè уште официјално не ја објавила големата операција, но потврдила дека се работи за строго доверлива операција и сè уште е во тек.
Медиумите наведуваат и дека постои сомневање дека уапсените членови на „балканскиот картел“ дошле во шпанското пристаниште за да ја преземат пратката која пристигнала од Еквадор.
– Оваа акција може да се смета за историска. Службата за царински надзор на Даночната управа и Националната полиција го постигнаа она што досега се чинеше невозможно: разбиле голем дел од криминалната организација со балканско потекло, која била посветена на „спасување“ на големи пратки кокаин на пристаништето во Виго и , можеби, во други пристаништа. Неодамнешните случувања покажуваат дека овие организации имаат капацитет да се движат низ Европа собирајќи пратки со дрога. Запленетата пратка, тешка повеќе од еден тон, би можела да се поврзе со 1.257 килограми запленети пред една недела во местото на потекло (Еквадор) со истата дестинација: пристаништето Виго – пишуваат шпанските медиуми.
Да потсетиме, пред Специјалното одделение на Вишиот суд во Белград, во тек е судењето на членовите на таканаречениот „балкански картел“ за шверц на повеќе од седум тони кокаин.