Човекот што го собори полудениот патник во авионот за Глазгов е Зоран Настески: Реагирав инстинктивно

Откако беше објавена снимка од драмата на летот над Велика Британија, на која еден од патниците извикува дека има бомба, сега е познато кој е човекот кој успеал да го совлада овој патник.

Имено, станува збор за Зоран Настески, чие семејство потекнува од Северна Македонија, но и од Србија, а моментално живее во Велика Британија.

Како што може да се види на видеото, тој соборил еден човек на подот за време на летот и го држел во таа положба до слетувањето, по што бил приведен од полицијата во Шкотска.

„Утрото на 27 јули заминав на одмор во Глагов. Околу десет минути пред слетувањето, еден човек помина покрај мене држејќи кафе и телефон во рацете. На почетокот се плашев дека ќе ме истури со топло кафе, па се засолнив. Потоа почна да вика дека има бомба и дека ќе го собори авионот, за да докаже дека политиката на Трамп е погрешна“, вели Настески во интервју за НИН .

Патниците паничеле после тоа, истакнува тој.

„Само реагирав инстинктивно, сакав да ги заштитам другите. Станав, го соборив, му го зедов телефонот и го држев за раце додека не слетав. Набрзо ми помогна друг патник, не сум сигурен дали беше Англичанец или Шкотланѓанец“, рече Настески.

Шкотската полиција соопшти дека снимката ја прегледуваат офицери од антитерористичката единица. Полицијата изјави дека верува оти инцидентот е под контрола и дека нема други вмешани лица. Портпаролот изјави дека еден маж е уапсен и дека истрагата е во тек.