Чудо се појави во Тафталиџе, иронично коментираат од неформалната група На точак, откако беше изградена велосипедска патека на улицата „Лондонска“ која се протега помеѓу булеварот „Партизански одреди“ и улицата „Митрополит Теодосиј Гологанов“.
Лентата се движи од бул. М.Т. Гологанов, кај Олимпико, покрај училиштето Јахја Кемал се до бул. Партизански одреди.
„Оваа улица е една од најживите во цел Карпош. По неа се движат ученици од околните основни и средни училишта, луѓе кои пазарат на зелениот пазар во Тафталиџе или трите околни трговски центри (Олимпико, Тафталиџе и најважно – Сити мол), студентите кои живеат во студентскиот дом Гоце Делчев и илјадниците жители во околните згради и куќи.
На оваа улица очајно и е потребна безбедна инфраструктура за пешаци и велосипеди.
Таа е конектор меѓу два главни булевари, меѓу кои на едниот е велосипедската лента по која се движи најголемиот број на жители од овој регион (без бројачи не би можеле да знаеме, но ова е лична перцепција која може лесно да се потврди ако се гледа колку жители чекаат семафор на своите велосипеди на раскрсницата на Партизанска со Московска, кај Сити мол.)
Оваа велосипедска лента треба природно да продолжи кон Илинденска преку ул. Манапо, која е со предимензионирани коловозни ленти, најчесто нема паркирани возила или многу малку станбени / комерцијални објекти на кои би им требал приод и очекуваме лентите и таму набрзо да бидат изведени.
А од сликите можеме да видиме дека сега засега столпчињата се ставени на преголема дистанца, доволно да пројде и да се паркира цел камион, а камо ли автомобил. Очекуваме нивната густина да се зголеми, исто како на бул. М.Т. Гологанов кај АМСМ / Млин Балкан / студентски дом Кузман. Очекуваме ваква лента да биде изведена и од западната страна на оваа улица како би се извело непрекинато движење на велосипедистите во двете насоки.
Честито четврт изведен нов конектор од Скопје Велоград. Ветуван од 2014та, конечно почнат“ се вели во објавата на иницијативата На точак.