Шарл Мишел: “Нема да дозволиме шверцерите со луѓе да одлучуваат кој влегува во ЕУ“

Миграцијата е европски предизвик кој бара европски одговор, порача денеска претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел додавајќи дека нелегалната миграција треба веднаш да се реши на одлучен начин.

Нема да дозволиме шверцерите да одлучуваат кој влегува во ЕУ. Ќе продолжиме ефикасно и брзо да ги спроведуваме сите наши одлуки. Ќе продолжиме со сеопфатен пристап кон миграцијата кој комбинира зголемена надворешна акција, заемно корисни сеопфатни партнерства со земјите на потекло и транзит на мигранти, адресирање на основните причини за миграцијата, можностите за легална миграција, поефикасна заштита на надворешните граници на ЕУ, решителна борба против организираниот криминал, трговија со луѓе и шверцување, инструментализација на миграцијата како хибридна закана, засилување на враќањето и внатрешни аспекти, во согласност со меѓународното право, принципите и вредностите на ЕУ и заштитата на основните права“, се вели во пишаната изјава на Шарл Мишел.

Полскиот премиер Матеуш Моравјецки претходно денеска соопшти дека Варшава одбила да го поддржи текстот за мигрантите во заедничката декларација на земјите-членки на Европската унија на крајот од Европскиот самит во шпанскиот град Гранада.

Како одговорен политичар, одбивам да го поддржам целиот став од заклучоците од состанокот во врска со миграцијата“, напиша Матеуш Моравјецки на социјалната мрежа Х (Твитер).

Веднаш потоа официјален претставник на ЕУ соопшти дека претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, ќе издаде посебна изјава за миграцијата.

Полскиот претседател Анджеј Дуда вчера на заедничката прес-конференција со Матеуш Моравјецки изјави дека Полска е против секој договор што вклучува прераспределба на мигрантите.