Претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, денеска повика на брза и транспарентна истрага за наводните нерегуларности на парламентарните избори во Грузија и најави дека ова прашање ќе го стави на дневен ред на самитот на Европската унија во ноември.
„Наводните нерегуларности за време на изборите во Грузија мора сериозно да се разјаснат и решат“, рече Мишел во објавата на социјалната мрежа Х.
Претседателот на Европскиот совет ги повика грузиските лидери да покажат цврста решеност за патот на Грузија кон ЕУ.
„Конструктивниот и инклузивен дијалог низ политичкиот спектар сега е најважен“, рече Мишел еден ден по изборите во Грузија, кои се сметаат за клучни за идната насока на оваа земја – кон ЕУ или кон Русија.
Според грузиската изборна комисија, владејачката партија освоила 54 отсто од гласовите на саботните парламентарни избори, но опозициските партии ги доведуваат во прашање изборните резултати, при што меѓународните набљудувачи, исто така, регистрирале значителни нерегуларности.
Според објавените изборни резултати, владејачката партија Грузиски сон би имала 89 места во парламентот – едно помалку од обезбеденото во 2020 година, додека четирите прозападни опозициски блока би имале вкупно 61 место.
Претседателката на Грузија, Саломе Зурабишвили, која се огради од владејачката партија, изјави дека не ги признава резултатите од парламентарните избори и ги повика граѓаните на протести, бидејќи како што рече Грузија е жртва на „руска специјална операција“.