Шаќири за државната матура: Прелиминарните резултати ќе бидат најдоцна на 8 јули

Министерот за образование и наука Јетон Шаќири денеска ја посети гимназијата „Нико Нестор“ во Струга каде што започна првиот дел од матурата за учебната 2023/24 година. Посетата е во рамките на надзорот над развојот на испитите на државната матура, кои се клучен дел од завршувањето на средното образование и критериум за продолжување на повисоките студии.

Министерот Шаќири во своето излагање им честиташе на учениците за успешното завршување на образованието и истакна дека испитниот процес бил организиран со големо внимание. Тој нагласи дека испитот содржи два екстерни предмети, два интерни и проектна задача, каде мајчиниот јазик останува задолжителен за сите. Испитите ќе продолжат до 8 јуни, а прелиминарните резултати се очекува да бидат достапни на 8 јули.

„Целта е да се обезбеди поголема транспарентност и објективност на процесот. Оние кои се вклучени како набљудувачи и тестатори на полагањето на државната матура, на овој начин полесно се контролира и отсликува однесувањето на учениците за време на полагањето, а практично очекуваме да се елиминираат обидите за манипулација и злоупотреба на одредени методи или помагала при завршување на тестот“, рече тој.

Одговорни за текот на испитите се околу две илјади наставници и 250 набљудувачи, кои ќе се погрижат процесот да се одвива уредно и без инциденти.

„Уште еднаш им посакувам среќа и успех на сите матуранти, но и успех во понатамошното остварување на образовните и животните цели кои ги имаат зацртано, а секако тоа треба да биде во границите на нашата држава, бидејќи токму тука тие припаѓаат и се иднината од која сите имаме големи очекувања“, рече министерот Шаќири.