Шаќири: Очекувам од градоначалникот да даде краткорочно и долгорочно решение за случајот со училиштето во Јурумлери
Што се однесува на денешниот протест, не знам заради која причина е настанат, затоа што во процесот на решавање на проблемот јас сум бил отворен за дискусијата со сите родители, без разлика на која националност припаѓаат, одговори министерот за образование и наука, Јетон Шаќири, на новинарско прашање во врска со протестот за училиштето во Јурумлери.
Откако министерот за образование, Јетон Шаќири, даде ултиматум дека ќе и ги одземе ингеренциите на општина Гази Баба ако не најде решение каде да ги смести 13-те албански ученици од О.О.У Његош во Јурумлери, родителите на учениците кои следат настава на македонски јазик застанаа позади градоначалникот на Гази Баба. Велат доколку ингеренциите бидат одземени, наставата ќе ја бојкотираат не само во О.О.У Његош, туку во сите училишта на територија на општина Гази Баба.
Тие денека излегоа на масовен протест пред училиштето, бидејќи според нив нема просторни капацитети за да се отвори нова паралелка на албански јазик од шесто до деветто одделение.
Министерот Шаќири истакна дека имал состанок и со родителите на учениците, кои учат на македонски јазик со кои ја дискутирале сегашната ситуација која, како што вели, не е проблем само денес, туку и во последниве 20 години.
– За решавање на проблемот имав две ситуации. Првата е долгорочно решавање на случајот кое го поддржуваат сите родители, да се отвори ново училиште во Идризово каде што ќе учат сите, но тоа не може да се реализира во период од еден, два, три месеци или во период од една година. Исто така, дискутиравме и за краткорочно решение, имаме дискусија дека немаме доволно простории во моментот, прифатив училиштето заедно со Општината да достави проект до Министерството со цел наставата да се реализира во најкраток можен рок, нагласи Шаќири.
За барањата на родителите во врска со отворањето на некои дополнителни паралелки на целодневна настава на македонски јазик, министерот истакна дека ги прифатил и тие дискусии.
– Ќе доставам барање до Министерството за финансии, ако имате потреба за една или две, од податоците што ги имаме во целата држава нема голем број на целодневна настава во паралелките, но ако нивното барање е за една паралелка го прифаќам како дискусија, додаде тој.
Шаќири истакна дека им дал простор сите заедно да ги разгледаат можност за настава во други простории,бидејќи се работи за 13 деца кои моментално не поседуваат настава.
Тој нагласи дека не сака да дојде до недоразбирање дека се крши уставното право на децата кои учат на македонски јазик.
– Градоначалникот е на службено патување. Очекувам да се врати и да достави предлог за краткорочно и долгорочно решавање на случајот, нагласи Шаќири.