Американскиот министер за одбрана Лојд Остин ги повика Турција и Унгарија да го ратификуваат пристапот на Шведска во НАТО „што е можно поскоро“ и пред следниот самит на Алијансата на почетокот на јули.
„Брзаме наскоро да ја пречекаме Шведска како 32. членка. И да бидеме појасни: брзаме тоа да се случи пред самитот во јули“, изјави Лојд Остин за време на посетата на шведската поморска база Маске во близина на Стокхолм.
Американската војска ги зајакнува поморските и воздушните мисии во Шведска за да ја покаже својата длабока поддршка, изјави американскиот државен секретар по заканите на рускиот амбасадор во Стокхолм на почетокот на април.
Шведска и Финска заедно аплицираа за членство во НАТО минатата година по почетокот на руската инвазија на Украина, откажувајќи се од својот неутрален статус, а досега е примена само Финска, додека приемот на Шведска е блокиран пред се од Турција, но и од Унгарија.
Шведска и земјите од НАТО се надеваат дека ќе ги расчистат пречките пред самитот на Алијансата во Вилнус, Литванија на почетокот на јули, но се чини дека тоа ќе биде тешко.
Аналитичарите сметаат дека многу ќе зависи од исходот на изборите во Турција на 14 мај, на кои претседателот Реџеп Таип Ердоган се кандидира за нов мандат.
Турција ја обвинува Шведска дека е засолниште за курдските „терористи“, како што ги нарекува, или непријателските кон Анкара, и бара екстрадиција на десетици луѓе во Турција.
Шефот на шведската дипломатија се надева дека таа би можела да се приклучи на НАТО на самитот во јули во Вилнус
Во Белград, министерот за надворешни работи на Шведска, Тобијас Билстром, изрази надеж дека неговата земја може да стане членка на НАТО на јулскиот самит на таа организација во Вилнус.
„Имам многу надеж дека Шведска наскоро ќе биде во НАТО, на самитот во Вилнус“, рече Билстром на заедничката прес-конференција со неговиот домаќин, министерот за надворешни работи на Србија, Ивица Дачиќ.
Во мај минатата година, по повеќедецениска воена неутралност, Шведска и Финска официјално поднесоа барање за влез во НАТО, повикувајќи се на загриженоста за безбедноста поради руската агресија врз Украина.
Турција се противи на тоа барање бидејќи смета дека и двете скандинавски земји, а особено Шведска, се попустливи кон групите што ги нарекува терористи.
Самитот на НАТО во Вилнус, Литванија, е закажан за 11 и 12 јули, објавено е на веб-страницата на Алијансата.