– Шведска ја зголеми безбедноста во амбасадите и другите странски мисии поради зголемените закани против шведските интереси во странство, изјави денеска министерот за надворешни работи Тобијас Билстром за новинската агенција ТТ.
Шведска вчера ја подигна тревогата за тероризам на второто највисоко ниво, велејќи дека спречила напади по палењето на Куранот и другите акти на сквернавење на исламската света книга, кои налутија многу муслимани во светот и предизвикаа бран џихадистички закани.
Билстром рече дека Стокхолм ја зголемил безбедноста на амбасадите и другите мисии на нордиската земја, без да прецизира за безбедносните грижи.
– Но, безбедноста на вработените во Министерството за надворешни работи има највисок приоритет“, рече тој, додавајќи дека е земена предвид безбедноста на семејствата на дипломатите и локалните шведски претставници. Значи, постојат различни категории кои се засегнати од оваа безбедносна работа што сега се засилува, истакна шведскиот министер.
Во последните месеци, неколку антиисламски активисти оштетија неколку копии на Куранот во Шведска, а исто така и во Данска, две од најлибералните земји во светот кои дозволуваат остра критика на религијата во име на слободата на говорот. Сепак, многу муслимани сметаат дека сквернавењето на Куранот е сериозен напад.