Швеѓаните ги бојкотираат продавниците поради високите цени на намирниците, годишните трошоци се зголемени за цели 3.000 евра
Поради зголемените цени на основните прехранбени производи, жителите во Шведска одлучија да ги бојкотираат трговските ланци.
Марсел Демир, шведски студент, за „Гардијан“ изјави дека цените значително се зголемиле.
„Апсолутно, цените се зголемија“, рече тој, стоејќи пред филијалата на шведскиот синџир на намирници Coop на главната железничка станица во Стокхолм.
,,Обично купувам чипс и чоколадо и тие многу поскапеа“, рече тој.
Според некои проценки, годишните трошоци за прехранување на едно семејство во Шведска се зголемени за дури 30.000 круни (3.000 евра) од јануари 2022 година. Се очекува кафето наскоро да го достигне симболичниот праг од 100 круни (10 евра).
Минатата недела, кога се случи најголемото зголемување на цените на храната во последните две години, илјадници луѓе ширум Шведска одлучија да ги бојкотираат најголемите супермаркети во земјата на седум дена.
Со помош на вирални објави на TikTok и Instagram, кампањата стана национална тема.
Демонстрантите го обвинуваат покачувањето на цените на „олигополот“ на супермаркетите и големите производители кои го даваат приоритетот на нивниот профит пред клиентите, како и недостатокот на конкуренција меѓу компаниите.
Шведската протестна иницијатива „12 недели бојкот“ побара од потрошувачите да престанат да купуваат во големите трговски синџири, вклучувајќи ги Лидл, Хемкоп, Ика, Куп и Вилис.
Кога станува збор за намирниците, најмногу поскапеле чоколадото и тоа за 9,2 отсто, потоа путерот за 7,2 отсто, сирењето за 6,4 отсто и млекото и павлаката за 5,4 отсто.
Бојкотот во Шведска е само еден од неколкуте низ Европа поради трошоците за живот. Купувачите во Бугарија минатиот месец ги бојкотираа големите трговски ланци и супермаркети поради поскапувањата на храната, што наводно довело до речиси 30 отсто пад на продажбата.
Во јануари бојкотот во Хрватска се прошири и во Македонија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Србија и Словенија.