Претседателот на Големото народно собрание на Република Турција (ТБММ), Мустафа Шентоп во Истанбул изјави дека сите кои се занимаваат со крвави поделби и поддржува насилство и неправда, секогаш наспроти себе ќе ја најдат Турција.
Во својот говор на отворањето на Меѓународната конференција „Балкан и Европа: од заедничко минато до заедничка иднина“, која се одржа на Универзитетот во Истанбул, Шентоп рече дека многу проблеми што чекаат трајно решение постепено се продлабочуваат со глобалните и регионалните движења и дека овие проблеми се особено изразени на Балканот.
Истакнувајќи дека болните искуства од 1990-тите години по распадот на Југославија сè уште заземаат важно место во сеќавањето на сите, Шентоп рече дека иако се преземени многу чекори за да се ублажат тие страдања и да се зачуваат мирот и стабилноста на Балканот, трајни и ефективни решенија сѐ уште не се пронајдени за многу проблеми.
Велејќи дека проблемите во оваа смисла стануваат сѐ покомплицирани, а решенијата сѐ потешки, Шентоп рече дека „најконкретен пример за тоа е честата политичка блокада и кревката стабилност во Босна и Херцеговина“.
„Во последно време сведочиме дека некои актери ја тестираат кревката рамнотежа воспоставена во Босна и Херцеговина и во регионот со Дејтонскиот мировен договор, постигнат со меѓународна интервенција“, рече Шентоп.
Тој истакна и дека со сите околности во кои е постигнат и потпишан, спорно е колку во смисла на темелите за постојана стабилност е постигнато преку Дејтонскиот мировен договор.
Ефектите на руско-украинската војна длабоко евидентни на Балканот
Глобалните и регионалните негативни ефекти од тековната војна меѓу Русија и Украина, рече Шентоп, длабоко се чувствуваат и на Балканот и носат некои важни ризици за стабилноста на регионот.
„Несомнено е дека Европската Унија го забрза процесот на интеграција на регионот, како со свесноста за овие ризици, така и со пресметување за да создаде нов одговор на променливите стратегиски рамнотежи. Како Турција, ние, исто така, го поддржуваме овој процес, за кој веруваме дека може значително да придонесе за стабилноста и просперитетот на регионот доколку се спроведе искрено. Се надеваме дека сите балкански земји ќе станат членки на Унијата што е можно поскоро“, рече Шентоп, пренесе ТРТ БАЛКАН.
Шентоп истакна дека зачувувањето на мирот и стабилноста во регионот е исклучително важно и за Турција, која претставува важен дел од регионот.
Нагласувајќи дека Турција дава сѐ од себе за да ги одржи мирот и стабилноста во регионот преку промовирање на мултилатерализмот, Шентоп рече дека по овие болни искуства, за жал, не може да се каже дека другите балкански земји го постигнале истиот успех што го постигнала Турција.
„Се разбира, важен фактор е тоа што не помина многу време од она што се случи во 1990-тите години. Меѓутоа, треба да се напомене дека заздравувањето на овие рани бара време, но за тоа е потребна посветеност на секоја заедница и сегмент во регионот. И покрај оваа потреба, некои политичари не се однесуваа разумно и одговорно во последниве години. Тажни сме што сме сведоци на ова“, објасни Шентоп.
Мир на Балканот значи мир за Турција
Мустафа Шентоп подвлече дека мир на Балканот значи мир за Турција.
„Постепено ги подобрувавме односите со земјите од регионот и на билатерален и на мултилатерален план. Од друга страна, и покрај сета оваа мирољубива, стабилизирачка и конструктивна улога што ја играме во регионот, присутни се обидите да се оттргне Турција од Балканот и обидите да се избришат трагите на Туркије од Балканот. Потомците на оние кои ги нацртаа границите на хартија се обидуваат да исцртаат нови граници за Балканот. Има некои итри луѓе кои се обидуваат да ги оградат своите дворови со лажни огради, концепти како Југоисточна Европа и Западен Балкан. Има и такви што ги ставаат главите во песок кога се во прашање нашите сонародници во Тракија, има и такви што пишуваат извештаи за борбата против т.н. дезинформации и мешање во демократските процеси во ќошињата на Европскиот парламент и ги клеветат нашите угледни институции како ТРТ Ворлд (TRT World), Агенција Анадолу (АА) и ЈТБ (YTB) со обвинувања дека манипулираат со народите на Балканот“, додаде Шентоп.
Историјата на Западот му даде нова шанса да признае
Истакнувајќи дека постојат сили кои сакаат да го нарушат мирот на Турција и со тоа да ја пореметат нејзината концентрација на Балканот, Шентоп својот говор го заклучи со пораката:
„Ги повикувам оттука. Сите на Балканот знаат дека сонценот на Балканот изгрева од Турција и заоѓа во Европа. Не видовте ништо освен крв и солзи на Балканот во кој немаше присуство на Турција. Турција презема чекори кон мирот и стабилноста не само во својот регион туку и во целиот свет.“
Шентоп порача и дека нема да успеат оние што во предизборниот период се обидуваат на различни начини да ја изморат Турција, да ја оддалечат од нејзиниот регион и да ја ограничат во нејзините граници.