– Специјалното обвинителство на Косово и Косовската полиција приведоа шест лица осомничени за фалсификување пари и притоа заплениле кеси со метални кованици од по 2 евра во вредност од 85.000 евра.
Специјалното обвинителство на Косово соопшти дека е спроведена акција во која е идентификувана група која е вмешана во производство / дистрибуција и пуштање во промет на фалсификувани пари, за кои постои сомневање дека се произведени во Косово, а потоа преку криминални групи се дистрибуирани во земјите од регионот.
Во акцијата се приведени шест осомничени лица, поради кривичното дело „Фалсификување пари (производство и дистрибуција)“, бидејќи тие биле и дистрибутери на фалсификуваните пари, поточно на фалсификуваните метални кованици во вредност од две евра. Тројца од осомничените лица се државјани на Северна Македонија, а преостанатите тројца се државјани на Косово.
„Како резултат на оваа акција, запленети се кеси со метални кованици од по 2 евра во вредност од 85.010 евра, за кои постои сомневање дека се фалсификувани. Исто така, одземени се 4 автомобили што ги користеле приведените лица и седум мобилни телефони“, се наведува во соопштението на Специјалното обвинителство на Косово.
На приведените лица им е одреден притвор од 48 часа, а во законски рок ќе биде поднесено барање за продолжување на мерката притвор.