Шест навики кои го зголемуваат ризикот од рак

Иако повеќето луѓе знаат дека треба да избегнуваат очигледни канцерогени материи како што е тутунот, постојат секојдневни навики кои можат да го зголемат ризикот од рак – без ние дури и да сме свесни за тоа.

Хируршкиот онколог д-р Аџит Паи предупредува дека одредени избори во исхраната и начинот на живот можат сериозно да го оштетат дигестивниот систем и цревната слузница, зголемувајќи го ризикот од рак на желудникот, дебелото црево, панкреасот и други органи.

Тој сподели шест навики кои треба да се преиспитаат – бидејќи можат да влијаат на вашето здравје на долг рок.

Пречеста консумација на индустриски преработена храна

Иако е практична, индустриски преработената храна може сериозно да го оштети здравјето на дигестивниот тракт. „Внесувањето преработена храна, особено храна што е повторно загреана и употребена неколку пати, е исклучително штетно“, предупредува д-р Пеј за SheFinds.

Таквата храна често содржи хемиски адитиви и конзерванси кои можат да ја оштетат цревната слузница и да го зголемат ризикот од рак.

Јадење изгорено црвено месо

Готвењето месо на високи температури, особено на скара, создава соединенија кои можат да бидат канцерогени. „Големи количини на силно печено месо, особено црвено месо, се многу штетни“, истакнува д-р Паи.

Изгорените делови содржат нитрозамини – супстанции кои се поврзани со зголемен ризик од рак на хранопроводот и желудникот.

Прекумерно внесување кисела и солена храна

Киселата и конзервираната храна често содржат големи количини сол, што создава дополнителен стрес врз желудочната слузница.

„Внесувањето големи количини кисела и многу солена храна ја оштетува желудочната слузница и придонесува за развој на рак на желудник“, нагласи д-р Паи. Во земјите каде што традиционално се практикува таква исхрана, се регистрирани повисоки стапки на рак на желудник.

Користење на солариум

Употребата на солариум е поврзана со зголемен ризик од рак на кожата, вклучувајќи меланом – најсмртоносната форма на рак на кожата. УВ зрачењето од солариумот е исклучително силно и може да ги оштети клетките на кожата дури и по повремена употреба. Редовната употреба значително ги зголемува шансите за развој на рак, особено кај помладите луѓе.

Употреба на тутун во која било форма

Тутунот е сè уште еден од најопасните фактори на ризик за развој на рак. „Употребата на тутун во која било форма придонесува за појава на неколку видови рак – од усната шуплина и грлото, до белите дробови и пошироко“, нагласува д-р Паи. Тука спаѓаат цигарите, тутунот за џвакање, наргилите и електронските цигари.

Консумирање на алкохол

Спротивно на популарното мислење дека една чаша вино на ден е корисна, д-р Паи нагласува дека „нема безбедна количина алкохол“. Дури и една чаша на ден може да ја оштети цревната слузница и да го зголеми ризикот од рак на желудникот, дебелото црево, ректумот, панкреасот и црниот дроб – особено ако тоа доведе до цироза.

Иако многу од овие навики станаа секојдневие, д-р Паи ја нагласува важноста на свеста и умереноста. „Оние мали, но доследни одлуки можат или да го заштитат или да го загрозат вашето здравје. Изборот е ваш“, заклучува онкологот.