Новоизбраните судии Елизабета Настов, Софија Миленкова, Цветанка Силјаноска Костадиновска, Кети Германова, Благица Ѓошевска и Артан Лимани денес пред Судскиот совет дадоа свечена изјава пред да започнат со своите должности како судии на Апелациониот суд во Скопјe.
Судскиот совет ги избра шесте судии за Апелациониот суд во Скопјe во мај годинава на 523-та седница, по што истекоа роковите за жалби за изборот.
Од Основниот граѓански суд Скопје доаѓаат судиите Елизабета Настов, Софија Миленкова, Цветанка Силјаноска Костадиновска, Кети Германова и Артан Лимани, додека од Основниот суд Крива Паланка судијката Благица Ѓошевска.
Во огласот за избор на 10 судии на Апелациониот суд во Скопје, Судскиот совет, покрај овие шест судии за граѓанската област, избра и четворица судии за кривичната област.
Во Апелациониот суд во Скопје, за кривична област, избрани се следните судии: Марија Клетничка Марковска, судија на Основниот кривичен суд во Скопјe; Ола Ристова, судија на Основниот кривичен суд во Скопјe; Иван Џолев, судија на Основниот кривичен суд во Скопјe и Бетим Јахја, судија на Основниот суд во Тетово.
Судијата Бојан Мартиноски, исто така, даде свечена изјава пред да започне со својата должност како претседател на Основниот суд во Охрид денес.