Шест работници од Непал дале отказ без предупредување, се жалат во полиција стопанственици од Македонија

Феноменот непалски граѓани кои се вработени во Македонија се чини дека станува се поприсутен. Иако некои од нив наоѓаат добри позиции во компаниите во земјава, сепак избираат да си заминат.

Во полиција дури вчера биле изнесени два случаи, каде двајца сопственици на фирми од земјава пријавиле дека нивни вработени од Непал не се појавиле на работа и дека го напуштиле местото на живеење, без да ги предупредат и без да ги информираат за причините.

Првиот случај во Полициската станица Свети Николе го пријавил В.М.(34) од Свети Николе, сопственик на приватна фирма. Во полиција пријавил дека 5 негови работници од Непал, со привремен престој во Свети Николе, на возраст од 27-38 години, ја напуштиле државата.

Вториот случај го презентирал во Берово Д.В.(44) од Берово, раководител во приватна фирма во Пехчево. Во полиција пријавил дека 38-годишниот Непал вработен кај него го напуштил местото каде што престојувал.