– Шефот на руската група „Вагнер“, Евгениј Пригожин, во првото обраќање откако во саботата го прекина еднодневниот бунт на своите паравоени сили, изјави дека намерата била да се искаже протест поради неефикасното водење на војната во Украина, а не да се собори власта во Москва.
Пригожин на Телеграм соопшти дека руското Министерство за одбрана планира до 1 јули да потпише договори со сите борци на „Вагнер“, со што групата ќе стане дел од редовната армија, што ќе ја „уништи нејзината борбена способност“.
Министерството во мај објави дека планира да потпише договори со сите борци во Украина што се борат под руско знаме, велејќи дека тоа е единствен легален начин да се обезбедат нивните права, вклучително и правото на социјална поддршка и обезбедување муниција и опрема.
Според Пригожин, само еден до два отсто од припадниците на „Вагнер“ се согласиле да се вклучат во руската армија, а другите формирале колона што се упатила кон градот Ростов на Дон во саботниот „Марш на правдата“ што, како што кажа тој, бил организиран во „мирни цели“.
„И покрај тоа што не покажавме никаква агресија, бевме погодени. Во воздушниот напад загинаа 30 борци и тоа нѐ принуди веднаш да тргнеме“, тврди Пригожин, наведувајќи дека за ова се одговорни шефовите на руската армија.
Како одговор на тоа, Пригожин рече дека групата „Вагнер“ извршила напади врз руските воздухопловни сили, но не прецизираше колку луѓе загинале.
„Се запревме во моментот кога првиот одред се приближи до Москва, распореди артилерија, изврши извидување и стана јасно дека ќе се пролее крв. Престанавме од две причини. Првата е дека не сакавме да пролееме руска крв. Другата, отидовме да го изразиме својот протест, а не да ја собориме власта во државата“, тврди Пригожин.
Тој додаде дека со бунтот сакале да укажат на проблемите на руската одбрана и неефикасноста на руските воени команданти. Пригожин тврди дека „операцијата би траела еден ден“, доколку на 24 февруари минатата година, кога руските сили влегле во Украина, офанзивата ја водела група која по ниво на обученост е споредлива со „Вагнер“.
Во согласност со договорот постигнат со посредство на белорускиот лидер Александар Лукашенко, кој ја смири кризата доцна во саботата, Кремљ објави дека кривичната постапка против Пригожин ќе биде отфрлена и дека тој ќе се пресели во Белорусија. Сепак, некои руски медиуми објавија дека постапката против Пригожин не е прекината и дека истрагата продолжува.