Шеќеринска: Ќе се залагам за вредности кои го зајакнуваат мирот, соработката и интеграцијата меѓу земјите членки на НАТО

Радмила Шеќеринска, по вчерашното назначување за заменик генерален секретар на НАТО, се заблагодари за многуте честитки и рече дека нејзиниот личен успех е успех на целата држава.

Таа вели дека гордо ќе ја претставува земјата во новата улога, пренесува Телеграф Македонија.

„Пред мене е одговорност која бара целосна посветеност и работа на теми кои се клучни за глобалната безбедност и стабилност. Ќе продолжам да се залагам за вредностите кои го зајакнуваат мирот, соработката и интеграцијата меѓу земјите-членки на НАТО, но и ја претставуваат Северна Македонија со гордост на оваа висока меѓународна позиција.

Секој ваш збор на поддршка е и потсетник дека успехот не е само личен, туку и успех за нашата земја.

Заедно покажуваме дека Северна Македонија има што да понуди на глобално ниво. Ви благодарам од сè срце! Многу ми значи вашата поддршка“, рече поранешниот министер за одбрана.

Во Брисел беше избрана за заменик генерален секретар на НАТО и со тоа практично стана втор човек по функции по генералниот секретар Марк Руте.