Американскиот претседател Џозеф Бајден претходно изјави дека на човештвото му треба нов светски поредок и дека САД можат да го изградат.
Кремљ ги поддржува зборовите на американскиот претседател Џозеф Бајден дека на светот му треба нов поредок, но Москва не се согласува дека таков поредок може да изгради Вашингтон, изјави портпаролот на рускиот претседател Дмитриј Песков.
– Апсолутно се согласуваме со господинот Бајден. Ова е редок случај кога апсолутно се согласуваме со она што го кажа. На светот навистина му е потребен нов светски поредок заснован на сосема други принципи – рече Песков.
Тој, сепак, истакна дека Кремљ не се согласува со Бајден во вториот дел од неговата изјава.
– Господинот Бајден кажа уште една фраза: „И Соединетите Американски Држави се способни да изградат таков поредок“. Овде, во овој дел не се согласуваме – нагласи портпаролот на Кремљ.
Тој објасни дека Вашингтон сака секој светски поредок да биде американско-центричен, но тоа повеќе нема да се случи.
– На еден или друг начин, САД, без разлика за каков светски поредок зборуваат, тие значат светски поредок ориентиран кон Американците. Односно кон светот кој се врти околу Соединетите Американски Држави. Веќе нема да биде така – рече Песков.
Cпоред него, светот треба да се ослободи од „обидите да се концентрираат сите механизми на глобално управување во рацете на една држава, ослободен од обидите да се наметне сопствената волја и одлуки на други држави“.
– (Неопходно е) светски поредок заснован на меѓународното право, на взаемно почитување, взаемна корист и немешање во внатрешните работи на другите – заклучи Песков.
Американскиот претседател Џозеф Бајден претходно изјави дека на човештвото му треба нов светски поредок и дека САД можат да го изградат.
– Мислам дека ние (САД) имаме можност да го направиме тоа ако сме доволно храбри и самоуверени да го обединиме светот на начин каков што досега не било направено. Поминавме 50 години во повоениот период каде што (светскиот поредок) функционираше добро, но сега … ни треба нов светски поредок – рече Бајден на приемот за собирање средства за предизборната кампања.