Рускиот претседател Владимир Путин долго време се обидуваше да прикаже слика за својата непобедливост преку неговите добро познати ПР трикови и постапки, како и со агресивни тврдења за улогата на Русија на светската сцена. Но, според ,,Дејли Бист”, кој се повикува на рускиот независен медиум ,,Верстка”, рускиот лидер се повеќе се плаши за својот живот.
Според тој извештај, тој е толку загрижен за можен обид за атентат врз себе како резултат на инвазијата на Украина што одбива да отпатува надвор од земјата, пренесува Business Insider.
Изворот, за кој ,,Верстка” наведува дека е висок руски функционер, вели дека впечатокот „зад кулисите на Кремљ“ е дека Путин е претпазлив кога станува збор за патување каде било и дека „нема чувство на сигурност“.
Според извештаите, последните настани ја зголемиле паранојата на рускиот претседател. Меѓу нив е и налогот за апсење издаден во март од Меѓународниот кривичен суд во Хаг под обвинение за воени злосторства – (депортација на деца од Украина во Русија) и мистериозни напади со беспилотни летала во близина на Москва и беспилотни летала над самиот Кремљ.
Обвиненија има и против групата Вагнер и нејзиниот шеф Евгениј Пригожин, според кои тие планираат државен удар против Путин.
Зголемена параноја
Напади со беспилотни летала во вторникот погодија предградие на руската престолнина каде живеат истакнати членови на општеството, а Кремљ соопшти дека повеќето од беспилотните летала биле пресретнати од системи за противвоздушна одбрана. Еден извор открил за руските медиуми дека Путин бил во резиденцијата во моментот на нападот и бил разбуден од безбедносните службеници. Дмитриј Медведев, заменик-претседател на Советот за безбедност на Руската Федерација и поранешен руски претседател, рече дека нападот со беспилотно летало врз Кремљ во мај е украински обид за атентат на Путин, што Украина го негираше.
Филип Инграм, поранешен британски воен разузнавач, изјави за Business Insider дека Путин одамна е обвиткан во низа сложени слоеви на безбедност и дека ситуацијата со неговата изолација се чини дека се влошува. Тој исто така вели дека паранојата на рускиот претседател станала уште поизразена за време на пандемијата на Ковид-19, кога живеел во балон на виртуелна изолација.
Инграм истакнува дека новите стравови од атентат значат дека Путин живеел во изолација додека контактирал само со неколку блиски соработници кои го бомбардирале со лажни информации прилагодени на неговите предрасуди.
Неодамнешните настани, ќе продолжат да ја зголемуваат неговата параноја, па тој ќе продолжи да презема сѐ посилни безбедносни мерки за уште повеќе да се изолира. Инграм вели дека тие безбедносни мерки вклучуваат употреба на телесни двојки и строго обезбедување храната на Путин да биде повеќепати тестирана за отрови пред да му биде послужена.
„Неговата програма е многу внимателно контролирана“, рече Инграм.
„Неговите внатрешни телохранители се лојални до тој степен што ќе направат сè за него ( тие се психолошки тестирани за сите овие работи ) и тоа буквално значи дека тие ќе направат сè за него“.
Коментарите на Инграм ги повторуваат оние на поранешниот безбедносен функционер на Кремљ, Глеб Каракулов, кој побегна од Русија во април поради неговото противење на војната во Украина.
Изолација и погрешни информации
Во интервју за руската истражна веб-страница „Досие центар“, тој зборуваше за зголемената изолација и параноја на Путин. Тој рече дека Путин патува во оклопен воз и инсистирал на строги мерки за карантин „Ковид-19“ за оние кои тесно соработуваат со него. Рускиот лидер не користи ниту интернет, рече тој.
Инграм наведува дека изолацијата на Путин значи дека група блиски соработници му обезбедуваат само неточни информации, што секако предизвикува тој да носи погрешни одлуки.
Тоа, вели Инграм, значи дека е во позиција каде што, ако му се презентира само она што сака да го слушне, неговото донесување одлуки постојано ќе биде сè повеќе погрешно.
Инграм ги посочува погрешните чекори на Путин за време на инвазијата на Украина како примери за лоша проценка. Се очекуваше Путин да присуствува на состаноците на самитот во Индија ова лето, како и на самитот на БРИКС во Јужна Африка во август, но локалните извештаи велат дека неговото присуство е доведено во прашање поради загриженоста за налогот за апсење на Хашкиот суд.
Ројтерс објави дека јужноафриканските власти дури размислуваат да го преместат самитот во Кина. Инграм истакнува дека Путин сака да се претстави како „меѓународен државник“ кој е потврден на глобалната сцена. Но, стравот од атентат и чувството на параноја почнуваат да ја уништуваат таа слика.