ШОК: Во болница во Македонија 11 лица работеле без договор за вработување, а дел од нив немале ниту соодветно образование
Единаесет лица работеле на црно со пациенти и давале здравствени услуги, иако биле без договор за работа, а дел од нив и без соодветно образование .
Има пет медицински сестри, тројца болничари, двајца биолози и еден лаборант. Ова е констатирано при вонредниот инспекциски надзор на Државната здравствена и санитарна инспекција (ДЗСИ) на Клиниката за токсикологија по поплаки од вработени.
На Токсикологија и’ беше даден рок од пет дена за отстранување на констатираните недостатоци, по што ќе следи нов увид од ДЗСИ.
Донесени се нови мерки
„Донесена е одлука за преземање на следните мерки – здравствени услуги на Клиниката да ги даваат здравствените работници и соработниците кои имаат важечки договори, здравствените услуги да ги даваат здравствените работници кои имаат соодветни професионални квалификации, согласно законот.
Медицинскиот и организациониот директор треба да извршува задачи од нивната самостојна, а особено заедничка надлежност“, изјави д-р Рената Младеновска, директор на ДСЗИ.
Медицинскиот директор на токсикологија д-р Данил Петровски денеска не беше разрешен како што беше соопштено.
Сепак, најавите од Министерството за здравство за негово разрешување остануваат на сила и, како што потврдуваат изворите, тоа ќе се случи по завршување на законските процедури и прописи. Додаваат дека директорот на медицина ќе одговара бидејќи 18 лица отишле на работа и четири месеци не земале плата.