Германскиот канцелар Олаф Шолц синоќа пристигна во посета на Белград, а на аеродромот „Никола Тесла“ го пречека претседателот на Србија, Александар Вучиќ.
Вучиќ, по пречекот на Шолц на Инстаграм напича дека „утре е голем ден во кој ќе ја разгледаме иднината на Србија и отворањето нови можности за нашата земја и народ“.
Вучиќ претходно вчера се сретна со Шолц на отворањето на четвртиот Самит на Европската политичка заедница во Лондон. Тој најави дека денеска во Белград ќе има билатерална средба со Шолц и оти ќе разговараат и за европскиот пат на Србија, политичките односи, развојот на економијата, а со ЕУ ќе биде потпишан и меморандум за разбирање во врска со минерални суровини.
Вучиќ на новинарите во Лондон им рече дека ќе се разговара и за Агендата за раст и планот за реформи, како и за приклучување кон единствениот европски пазар.
Тој во средата за РТС изјави дека денеска во Белград ќе биде потпишан Меморандум за разбирање меѓу ЕУ и Србија за стратешко партнерство за одржливи суровини, како и Писмо за намери во Црбија да се формира цел синџир на вредности.
Вучиќ изјави дека во име на Европската комисија потпретседателот на Европската комисија Марош Шевчовиќ ќе го потпише договорот со претставниците на српската влада, а најави дека денеска во Белград ќе пристигнат и претставници на Европската банка за обнова и развој, претставници на КФВ, претставници на италијанската банка за развој како и претставници на Мерцедес.