– Германија во наредните недели ќе ѝ го достави на Украина третиот систем Патриот и дополнително оружје, објави денес германскиот канцелар Олаф Шолц.
Обраќајќи се на Конференцијата за обнова на Украина, Шолц рече дека Германија веќе испорачала или одвоила оружје во вредност од 28 милијарди евра (30 милијарди долари) за Украина и ќе продолжи да ја поддржува одбраната на Киев.
„Она што најитно ѝ треба на украинската Армија во моментов е муниција и оружје, особено за воздушна одбрана. Затоа ќе ѝ доставиме на Украина трет систем за противвоздушна одбрана Патриот, како и системи за противвоздушна одбрана IRIS-T SLM, противвоздушни тенкови Гепард, ракети и артилериска муниција“, рече Шолц.
Тој истакна дека овие системи за противвоздушна одбрана и оружје ќе ѝ бидат доставени на Украина во следните неколку недели и месеци.
Шолц, исто така, ги повика западните сојузници да ги разгледаат нивните залихи и да обезбедат повеќе системи за противвоздушна одбрана на Украина во услови на зголемени руски напади врз економската и енергетската инфраструктура.
„Би сакал да ги замолам сите овде денес: Поддржете ја нашата иницијатива за зајакнување на воздушната одбрана на Украина со сѐ што можете. Затоа што најдобрата реконструкција е онаа што воопшто не мора да се случи“, рече тој.
Лидери и врвни дипломати од над 60 земји присуствуваат на дводневната Конференција за закрепнување на Украина во Берлин, која има за цел да мобилизира меѓународна поддршка за економска стабилизација на Украина, закрепнување од војната и реформи за членство во ЕУ.