Одлична атмосфера по новата победа на Ѓоковиќ.
Најдобриот српски тенисер Новак Ѓоковиќ денес во голем стил се избори за пласман во финалето на Австралија опен и ја забележа 27-та последователна победа на овој турнир.
Го победи Американецот Томи Пол со 3:0 во сетови, а до 10. трофеј во Мелбурн го дели само меч, оној против Гркот Стефанос Циципас во финалето.
По денешното полуфинале, „Еуроспорт“ во својата програма прикажа дел од атмосферата околу Род Лејвер Арената каде бројните фанови на Ѓоковиќ ја прославија неговата нова победа.
Меѓу нив се издвои една постара госпоѓа (од „Еуроспорт“ се прашуваат дали е најстарата обожавателка на Новак) која очигледно била расположена да одигра коло додека камерите ја снимале.