Шпанија се бори со сушата: Нивото на водата во браните на загрижувачко ниво

 – Нивото на водата во браните и акумулациите во Шпанија, една од земјите што се бори со сушите, првпат оваа година е под 30 отсто.

Во неделниот билтен на Министерството за еколошка транзиција се наведува дека резервите од вода во браните и акумулациите за обезбедување вода што се користи во земјоделството, индустријата и домаќинствата се намалени и во просек изнесуваат 29,3 отсто во целата земја.

Во моментов 40 отсто од земјата е во вонредна состојба поради недостиг на вода.

Проблемот со водата особено е изразен во Андалузија, каде што резервите од вода изнесуваат 19,4 отсто, и во Каталонија, каде што резервите се 24,1 отсто.

Според статистичките податоци, во Шпанија, каде што топлотните бранови почнуваат рано, регистрирано е најтопло лето од 1961 година и трета најсушна година во последните 60 години.

Констатирано е дека резервите од вода во браните за производство на електрична енергија се намалени на 56 отсто, што е под просекот за последните 10 години.

Иако метеоролозите предвидуваат врнежи, особено во источните и северните подрачја од земјата за викендов, експертите тврдат дека доколку врнежите не продолжат и наесен, проблемот со сушата нема да биде решен.