Теренската болница во која работи Хуан Карлос Мартинез Ескоријаза дневно може да обезбедни нега за 200 пациенти и има капацитет да изврши до 7 поголеми и 15 помали операции.
Секој пациент има приказна, вели лекарот Хуан Карлос Мартинез Ескоријаза кој лекува повредени од земјотресот во Туркије во една од теренските болници во областа Искендерун во јужната провинција Хатај со која управува шпанскиот тим.
„Една пациентка ме консултираше за гинекологија затоа што вели дека нејзиниот гинеколог починал и таа нема со кого да зборува. Дојде и дете кое дошло на педијатрија и барало вода. Само вода. За мене е незамисливо и ни ги крши срцата“, вели докторот .
Затоа, како што истакнува тој и неговиот тим морале да дојдат во Туркије за да покријат дел од недостатокот на здравствена заштита по земјотресите. Теренската болница СТАРТ досега лекувала повеќе од 700 пациенти. Во неа работат 82 хуманитарни работници, пожарникари, адвокати, медицински сестри, акушерки и лекари.
Според шпанската амбасада во Анкара, болницата може да обезбеди нега на 200 пациенти дневно и има капацитет да изврши до седум поголеми и 15 помали операции во операционата сала на терен.
Теренските болници имаат суштинско значење
Запрашан дали треба да се отворат повеќе теренски болници во единаесетте провинции погодени од земјотресот во земјата, Ескоријаза рече дека таквите установи се суштински и дека таквите болници и професионалци подготвени да се распоредат е вистинската формула за обезбедување помош.
„Важната работа за ова е што имавме претходни тренинзи во Шпанија и подготвени сме веднаш да заминеме, што е вистинската формула за да можеме да помогнеме. Овие типови болници, координирани од Светската здравствена организација, се ефикасни“, изјави Мартинез.
Тој вели дека болничкиот персонал ротирал на 15 дена поради исцрпеност која повеќе била психичка отколку физичка.
Земјотресите од 6 февруари со јачина од 7,7 и 7,6 степени, со центар во провинцијата Кахраманмараш, погодија повеќе од 13 милиони луѓе во 11 провинции, вклучувајќи ги Адана, Адијаман, Дијарбакир, Газиантеп, Хатај, Килис, Малатија, Османије, Шанлиурфа и Елазиг.
Неколку земји во регионот, вклучувајќи ги Сирија и Либан, исто така ги почувствуваа силните потреси што ја погодија Туркије за помалку од 10 часа.
ТРТ Балкан