Во саботата Европската унија го усвои десеттиот пакет санкции против Русија, а претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен го нарече „најдалекосежниот досега“.
„Го поздравувам формалното усвојување на нашиот десетти пакет санкции против Русија. Сега ги имаме најдалекусежните санкции досега, кои ќе го осиромашат воениот арсенал на Русија и ќе ја умртват нејзината економија. Исто така, го засилуваме притисокот врз оние кои се обидуваа да нè убедат да не воведуваме санкции. Речиси една година руската агресивна војна сееше смрт и уништување. Ќе ја натераме Русија да плати“, напиша таа на Твитер.
Најновите санкции се насочени кон банкарскиот сектор, како и пристап до технологија која може да се користи за цивилни и воени цели. Новиот пакет вклучува и забрана за извоз на електронски компоненти кои се користат во руските системи за вооружување, како што се беспилотни летала, ракети, хеликоптери и ретки материјали, електронски интегрирани кола и термални камери. Извозот е ограничен за уште 96 субјекти кои ја поддржуваат руската војска и индустрија, вклучително и за првпат ирански ентитети кои произведуваат беспилотни летала што ги користи Москва. Дополнително, беа воведени ограничувања за увоз на стоки кои носат приход во Русија, како синтетичка гума и асфалт. Санкции беа изречени и за 11 физички лица и седум субјекти поврзани со Вагнер групата, пренесува „Ројтерс“.