Појасот Газа, сцената на новата војна со Израел, е палестинска енклава во рацете на исламистичкото движење Хамас, кое со децении се бори со насилство и сиромаштија.
Се граничи со Израел на север и исток, со Средоземното Море на запад и со Египет на југ. Тоа е тесна територија од 360 квадратни километри, долга 41 километар и широка шест до 12 километри.
Таму живеат два милиони Палестинци, или речиси 6.000 жители на км², што е една од најголемите густини на население во светот.
Благодарение на локацијата Тел ес-Сакан, откриена во 1998 година, археолозите можат да потврдат дека утврдениот ханаански град бил континуирано населен од 3200 до 2000 година п.н.е. во она што сега е Појас Газа.
После тоа, Појасот Газа била под асирска, вавилонска, римска, арапска и христијанска доминација.
Во 20 век, Појасот Газа потпадна под египетска управа во 1948 година, набргу по прогласувањето на државата Израел. Територијата потоа беше окупирана од Израел по арапско-израелската војна во 1967 година.
На 12. септември 2005 година, Израел еднострано се повлече од Појасот Газа, каде што Хамас, исламистичко движење кое Израел и многу западни земји го сметаат за терористичка организација, дојде на власт две години подоцна.
Во јуни 2006 година, Израел воведе копнена, воздушна и морска блокада на енклавата по киднапирањето на израелски војник кој беше ослободен во 2011 година.
Еврејската држава ја засили својата блокада во јуни 2007 година кога Хамас ја собори палестинската управа на Махмуд Абас од Појасот Газа.
Единствениот излез од Појасот Газа кој не е под израелска контрола е граничниот премин Рафах со Египет.
Лишен од природни ресурси, Појасот Газа страда од хроничен недостиг на вода и гориво. Невработеноста погодува половина од населението, вклучувајќи три четвртини од младите луѓе.
Повеќе од две третини од населението зависи од хуманитарна помош. Истиот дел живее под прагот на сиромаштија.
Од 2008 до 2021 година, израелската Армија го нападна Појасот Газа четири пати за да ги спречи нападите на Хамас врз Израел, да ја уништи неговата инфраструктура што се користи за тие напади и да ги убие нејзините водачи.
Нова војна избувна во саботата по масовниот изненаден напад на Хамас врз Израел.