Што е ГПТ-4?

„Опен АИ“ (OpenAI) го претстави најновиот јазичен модел ГПТ-4 (GPT-4) кој е најнапредната верзија на вештачка интелигенција за развој на сервиси како што е популарниот „ЧатГПТ“ (ChatGPT), пишува ТРТ Балкан.

ЧатГПТ е интерактивен интернет сервис кој овозможува генерирање на одговори на поставените прашања или барања од корисникот преку внес на текст. Апликацијата обезбедува различни услуги меѓу кои пишување различни видови текстови, па дури и компјутерски кодови.

Интересот за ЧатГПТ порасна преку ноќ, што повлече прашања за потенцијалниот ефект врз образованието и глобалниот пазар на труд.

Ова е се што треба да се знае за најновиот развој.

Како ГПТ-4 се разликува од претходните верзии?

ОпенАИ, со поддршка на Мајкрософт, вели дека посветиле шест месеци за да го направи ГПТ-4 побезбеден и попрецизен за користење.

Врз основа на нејзините внатрешни проценки, компанијата вели дека ГПТ-4 има 82% помала веројатност да одговори на барањата за недозволена содржина и 40% поголема веројатност да произведе одговори кои се базирани на факти.

Од ОпенАИ велат дека ГПТ-4 е покреативен и понапреден за соработка, може да се справи со поспецифични инструкции и да решава тешки проблеми со поголема прецизност од претходните верзии.

Тоа што е новитет е можноста за процесирање на внес со слики за разлика од претходните верзии на ГПТ (Генеративен претходно-обучен трансформатор) кои процесираа само текст.

Сега со ГПТ-4 според ОпенАИ е способен за напредно разбирање на задачите и „перформанси на човечко ниво“ на неколку академски и професионални одредници.

За што се користи ГПТ-4?

Американската компанија за финансиски услуги Морган Стенли користи GPT-4 за да ги организира податоците за менаџирање со средствата и да ги направи полесно достапни.

Ирско-американската компанија за финансиски услуги „Страјп“, која ги овластува онлајн плаќањата на малите и големите бизниси, тестира дали ГПТ-4 може да го употреби за подобрување на корисничкото искуство и за справување со онлајн измамите.

Апликацијата за учење јазици „Дуолинго“ го вградува ГПТ-4 за да го подобри корисничкото искуство во вежбање на разговори и откривање на грешки при лекциите.

Данската мобилна апликација „Гледај за мене“ (Be My Eyes) ги поврзува луѓето со слепило и оштетен вид со волонтери кои им помогаат во секојдневните обврски, како на пример препознавање на одреден производ. Со помош на новиот визуелен внес на податоци на ГПТ-4 апликацијата развива систем на виртуелни асистенти.

Кои се ограничувањата?

Сем Алтман, главниот извршен директор на ОпенАИ вели дека ГПТ-4 има слични ограничувања како и претходните модели.

Ботот за разговори е критикуван за стереотипи и грешки и дека овозможува пристап до несоодветна содржина.

Една од најголемите препреки на ЧатГПТ е што не може да приложи детално објаснување за понудените одговори, што води кон тоа корисниците слепо да ги прифатат дури и неточните информации кои ги обезбедува алатката за вештачка интелигенција.

ЧатГПТ креира база на податоци од претходните внесови на корисниците за да создаде еден вид на приспособен одговор, но тоа може да води кон создавање на стереотипни податоци кои ги засилуваат одредени претходни верувања.

„Се уште има маани и ограничувања, и делува повеќе импресивно кога за првпат ќе го употребите споредено отколку кога ќе поминете повеќе време со него“, посочи Алтман во серија на објави на Твитер.

Затоа треба многу да се внимава кога се користат резултатите од јазичниот модел, особено во ситуации кои се сензитивни, дополнуваат од компанијата.

Иднината на вештачката интелигенција

ГПТ-4 на ОпенАИ е најновото достигнување на „длабинското учење“ како метод на вештачка интелигенција што ги учи компјутерите да обработуваат податоци на начин сличен на човечкиот мозок.

Иако оваа моќна технологија има свои ограничувања и етички предизвици, таа и натаму е основата на технолошката трансформација која го опфаќа светот.

Вештачката интелигенција има потенцијал да анализира огромни збирови на податоци и да открие сложени односи и обрасци, што би можело да доведе до понатамошен напредок во сите општествени и природно-научни области.

Во јули 2021 година, американскиот секретар за одбрана Лојд Џ. Остин Трети јавно ја прифати важноста на партнерството со иновативните технолошки компании за вештачка интелигенција за одржување и зајакнување на глобалната конкурентност на САД.

Вештачката интелигенција најверојатно ќе биде водечка сила која ќе ги овозможи технолошките иновации во современиот свет.