Што е тоа што ја прави Полска толку економски успешна што е на пат да ја престигне дури и Германија?
Полска сака да ги престигне главните економии на Европската Унија и тоа го прави со големи чекори – нејзината економија расте три пати побрзо од економијата на Унијата како целина.
Додека Германија, како најголема европска економија, е во криза, Полска пишува успешна економска приказна. Во последниот квартал порасна за три проценти. Кристофер Фус, експерт за полскиот пазар во германската организација „Германија трејд енд инвест“, оцени дека Полска е вистинската движечка сила на ЕУ.
Соседните земји на Германија значително заостануваат во целокупните економски перформанси, но Полска брзо го достигнува заостанувањето. Според Фус, кој живее и работи во Варшава, ова јасно го одразува менталитетот на Полјаците кои сакаат нивната земја да ги достигне економските сили на ЕУ.
Тој забележува дека жителите имаат желба за раст и модернизација, што подразбира прифаќање на нови технологии. Од друга страна, ова е нешто што можеби ѝ недостасува на Германија.
„Кога разгледувам низ Полска, воопшто не е невообичаено постарите луѓе да користат апликации за паметни телефони како нешто што се подразбира, плаќајќи не со готовина, туку со мобилна апликација“, истакна Фус.
Покрај тоа, значаен дел од административната работа се извршува преку интернет, што значи дека нема досадна документација. Ова се околностите во кои е можно брзо да се основа стартап компанија, многу побрзо отколку во Германија. Понатаму, Полска е популарна индустриска локација.
Како што потсети Томас Обст, економист и експерт за Полска во Германскиот економски институт (IW), голем дел од работата е префрлена во Полска поради ниските трошоци за работна сила.
„Не инвестираат само полските компании, туку и многу странски, европски, американски компании“, рече Обст.
Економскиот успех на Полска е видлив на Варшавската берза веќе некое време. Имено, оваа берза порасна за 30 проценти од почетокот на оваа година. Сепак, овој раст може наскоро да заврши бидејќи Полска се бори со сериозен буџетски дефицит. Сепак, таа има значајна предност што има висок економски раст.
„Ако економијата има висок раст, тоа значи дека уделот на долгот во бруто домашниот производ (БДП) може да остане релативно стабилен, дури и ако буџетскиот дефицит е голем“, рече Обст.
Фактот дека Полска доби милијарди евра од ЕУ, исто така, одигра значајна улога. Како што нагласија и Фус и Обст, оваа земја успеа добро да ги искористи тие пари. Тие веруваат дека Германија може да научи од овој сосед како да биде флексибилна и прилагодлива, особено кога станува збор за дигитализација, пишува порталот tagesschau.