Што значат ознаките на амбалажите на сретствта за сончање?

Купувањето средство за сончање порано подразбираше да избереме колку висок СПФ сакаме и дали претпочитаме да мирисаме на кокос или на ванила. Но со развојот на оваа гранка во козметологијата, производите за заштита од сонцето се посложени, а ознаките на амбалажите се умножија така што денес е потребно да донесеме многу повеќе одлуки. Тука сме да ви помогнеме.

Без глутен

Ова е важна ознака за лицата со целијачна болест или нетолеранција на глутен и им се доделува на производите што содржат само 10 делови на милион или помалку глутен. (Забелешка: состојките што содржат глутен, како што се протеините од пченица, се многу почести во негата на косата отколку во средствата за сончање.)

Без масло

Ова значи дека производот не содржи масло, но не открива дали содржи други оклузивни материи, како силикон, кои можат да предизвикаат мозолчиња, па дури и топлотен осип. Ако сте загрижени, побарајте крем за сончање што нема масло и силикони. Силиконите ќе ги препознаете по нивните имиња кои завршуваат со суфиксите -ticone или -siloxane.

Производ за сончање

Термин што се користи за производи што штитат од УВ-зраците со нивна апсорпција благодарение на хемиските состојки во својот состав, како што се октокрилен или авобензон. Најголемата предност на хемиските филтри: кремовите што ги содржат лесно се нанесуваат, а ефектот им трае подолго. Најголемиот недостаток: лесно се апсорбираат во телото – можат да стигнат до секоја клетка од нашето тело преку крвотокот.

Хипоалергеничен

Овој термин не е регулиран од ниту едно официјално регулаторно тело, така што компаниите можат да го користат без да спроведат соодветни тестови, само врз основа на мислењето дека формулацијата на производот е таква што веројатно нема да предизвика алергиски реакции. Општо правило е дека – доколку сте склони кон алергиски реакции, побарајте производ со минерална, а не со хемиска заштита, и без мирис.

Клинички тестирано

Некои брендови дополнително ги тестираат своите производи за да видат дали, на пример, се погодни за осетлива кожа. Кога ќе го видиме натписот клинички тестиран на пакувањето, не ни кажува на што точно се однесуваат тестовите, како се направени или врз колку испитаници. Затоа, оваа ознака не е многу корисна при изборот на производот.

Минерален производ за сончање

Овие средства за сончање го постигнуваат својот ефект благодарение на физичките блокатори, како што се титаниум диоксид и цинк оксид. Тие создаваат физичка бариера помеѓу УВ-зраците и кожата. Предност: остануваат на површината на кожата, што значи дека телото нема да ги апсорбира. Најголем недостаток: тешко се размачкуваат и оставаат бела трага на кожата. Покрај тоа, тие се мијат побрзо, па затоа треба почесто да се нанесуваат.

Некомедогено

Не постои стандарден начин да се потврди веројатноста дали козметичкиот производ ќе предизвика комедони, т.е. мозолчиња. Но, доколку сте склони кон акни, изберете кремови за сончање со салицилна киселина и цинк оксид, а избегнувајте ги оние богати со липиди, како кокосово масло и какао-путер.

Органски

Иако оваа ознака може да значи дека ботаничките состојки на кремот за сончање се органски одгледани, ниту едно средство за сончање не може да биде 100 проценти органско. Хемиските средства за заштита од сонце се потпираат на лабораториски синтетизирани соединенија, како и на физички, т.е. минералните состојки мора да бидат хемиски обработени – нелегално е да се користат природни, буквално ископани верзии на цинк и титаниум диоксид, бидејќи тие се загадени со тешки метали.

Спорт

Бидејќи не постои вистински тест кој би потврдил дека секое средство за сончање е подобро за време на физички активности, секој производ за кој е потврдено дека е водоотпорен 80 минути може да послужи.

Широк спектар на заштита

Овој термин се однесува на средства за сончање кои нудат заштита и од УВБ-зраците, кои предизвикуваат изгореници и од УВА-зраците, кои предизвикуваат оштетување на кожата, како што е разградувањето на колагенот. За најдобра заштита од сонцето, секогаш користете производи за сончање со ознака со широк спектар.

Водоотпорен

Тестот за отпорност на вода вклучува наизменично влажнење и сушење на субјектот неколку пати, а потоа тестирање дали производот за сончање е сè уште ефикасен. Сите кремови за сончање означени како отпорни на вода мора да го поминат тестот, затоа побарајте производ со него ако знаете дека ќе пливате или ќе се потите.

Забелешка: имајте предвид дека повеќето од овие ознаки се користат од страна на производителот, освен ознаките за одредени термини регулирани од релевантните официјални тела, како што се бројот СПФ, ознаката широк спектар и отпорно на вода и секако списокот на состојките.

Отпорно на песок

Некои независни лаборатории нудат ваков тип тестови за производителите на средства за сончање. Тие тестови покажуваат дека изложувањето на кремот за сончање на различни видови песок – фин, среден, повеќенаменски – не го менува нивото на заштитниот фактор. Најчесто тоа е случај со мазни, свилени текстури, кои не дозволуваат песокот да се залепи на телото.

СПФ

Укажува на заштитен фактор од сонцето, особено од УВБ-зраците. Бројката до оваа ознака ја изразува мерката за тоа колку сончева енергија е потребна за да се предизвикаат изгореници на заштитената кожа – колку е поголем СПФ, толку е поголема заштитата од изгореници.

Стандардот за тестирање е нанесување на два милиграми крем за сончање на квадратен сантиметар кожа. Или, едноставно кажано: навистина дебел слој. Дерматолозите обично препорачуваат минимален СПФ со широк спектар од 30 во текот на целата година и SСПФ од најмалку 50 за деновите на плажа или активностите на отворено налето.