ШТО ОТКРИЈА ОБЈАВЕНИТЕ ТАЈНИ ДОКУМЕНТИ НА ПЕНТАГОН !? Голем бес владее помеѓу сојузниците на САД – еве кој земји биле мета на шпионирање
Објавувањето на доверливите американски воени документи понудија увид не само за тоа како Соединетите Американски Држави (САД) собираат разузнавачки информации, туку и за тоа што мисли Вашингтон за земјите ширум светот – од непријатели до сојузници.
Документите, кои прв пат беа објавени на социјалната мрежа Дискорд (Discord) пред повеќе од еден месец, предизвикаа бес кај американските партнери и ги принудија САД да ја поправат штетата и да превземат соодветни мерки.
Врвните аналитичари сугерираат дека протекувањето на повеќе од 100 високо класифицирани американски воени документи би можело да биде „шлагот на тортата“ и дека САД сега треба да се подготват за можните последици што објавувањето може да ги има врз нивната репутација и односите со сојузниците.
Документите првенствено се однесуваат на воените сили на Украина, посочувајќи ги слабите точки во воздушната одбрана на Украина и потенцијалните проблеми со снабдувањето со муниција и оружје.
Според документот кој е создаден кон крајот на февруари оваа година, се вели дека – „способноста на Украина да обезбеди воздушна одбрана со среден дострел за заштита на териториите се проценува дека ќе биде целосно намалена до 23. мај“. Исто така се проценува дека – „Украина може да издржи уште 2-3 бранови на удари од руски ракети и беспилотни летала“.
Украинските власти јавно го минимизираа објавувањето на доверливите воени документи. Но, како што дознава весникот The Washington Post, украинските власти се всушност прилично лути што чувствителните информации што ги споделуваат со САД станаа јавни и достапни за сите.
ТАЈНИ ДОКУМЕНТИ – ЈУЖНА КОРЕЈА
Јужнокорејските власти, кои веќе рекоа дека планираат да разговараат за деталите од документите со Вашингтон, исто така се бесни.
Еден документ, особено, дава детали од разговорот меѓу двајца високи јужнокорејски функционери за национална безбедност за загриженоста на Советот за национална безбедност во врска со барањето на САД земјата да испрати муниција во Украина.
Јужнокорејските власти беа загрижени дека испораката на муниција и оружје ќе ја наруши политиката на Јужна Кореја да не обезбедува воена помош за земјите во војна. Според документот, еден од официјалните лица тогаш предложил начин да се заобиколи политиката без да се менува односно со продажба на муниција на Полска. Документот без датум за кој станува збор, вели дека Јужна Кореја се согласила да продаде артилериски гранати за да им помогне на САД да ги надополнат резервите а воедно и да испратат дополнителна помош на Украина.
Ким Тае-Хјо, заменик-советник за национална безбедност на Јужна Кореја, тврди дека внатрешните разговори на официјалните лица биле „лажни“ и „променети“.
Секретарот за одбрана на САД, Лојд Остин, разговараше со својот јужнокорејски колега во вторникот, додека официјални лица во Сеул ја негираа можноста канцеларијата на претседателот да била извор на протекувањето на доверливите информации за оружје од Јужна Кореја на САД.
ТАЈНИ ДОКУМЕНТИ – ИЗРАЕЛ
Во објавените документи се споменува и Израел. Еден извештај вели дека главната израелска разузнавачка агенција Мосад ги охрабрувала своите службеници да учествуваат во протестите против новата Влада, вклучувајќи неколку експлицитни повици за акција и мобилизација на населението. Извештајот предизвика бес во Ерусалим. Од кабинетот на израелскиот премиер реагираа во име на Мосад, нарекувајќи го извештајот „лажен и без никаква основа“ и нагласија дека разузнавачката служба е традиционално политички неутрална.
ТАЈНИ ДОКУМЕНТИ – ЕГИПЕТ
Последните објавени информации се однесуваат на Египет и наводни тајни планови за снабдување на Русија со проектили, оружје и муниција.
Еден документ од 17. февруари ги сумира наводните разговори меѓу египетскиот претседател Абдел Фатах ал-Сиси и високи египетски воени претставници во кои се спомнуваат плановите за снабдување на Русија со артилериски гранати и барут. Во документот се вели дека Сиси им наредува на официјалните лица да го чуваат производството и испораката на ракети во тајност „за да се избегнат проблеми со Западот“.
Во документот се цитира лице идентификувано како Салах ал-Дин дека „ќе им нареди на своите луѓе да работат во смени доколку е потребно, бидејќи тоа е најмалку што Египет може да направи за да ѝ исплати на Русија за големата помош од минатото“.
Во документот не е јасно каква била претходната помош на Русија за Египет. Во документот, исто така, се посочува дека САД веруваат дека планот на Египет да и достави воена помош на Русија никогаш не се реализирал.
Запрашан за документите, портпаролот на Министерството за надворешни работи на Египет, Ахмед Абу Зеид, изјави за The Washington Post: „Позицијата на Египет од самиот почеток се заснова на немешање во оваа криза и посветено да се држи настрана од двете страни, потврдувајќи ја поддршката на Египет за Повелбата на ОН и меѓународното право“.
Документите постојано покажуваат како американската разузнавачка заедница се „инфилтрирала“ во руската војска. Неколку пати е посочено дека Вашингтон успеал навреме да го предупреди Киев за планираниот руски напад, споделувајќи со Украина информации за плановите на ГРУ, руската воена разузнавачка агенција и руската платеничка воена група Вагнер.
ТАЈНИ ДОКУМЕНТИ – ТУРЦИЈА
Еден документ сугерира дека Вагнер и се обратил на Турција, сојузник на НАТО, за да и помогне да набават материјали. Претставниците на Вагнер, наводно, се сретнале со турските контакти за да купат оружје и опрема од Турција за напорите на Вагнер во Мали и Украина. Од извештајот не е јасно колку турската Влада можеби знаела за овие наводни состаноци или дали тие се покажале успешни.
Еден од обелоденетите документи на Пентагон, исто така, забележува дека соработниците на групата Вагнер имале планови „дискретно“ да патуваат на Хаити од крајот на февруари за да проценат дали има некакви шанси за постигнување договор со тамошната Влада, која се бори за контрола со насилните банди кои го контролираат огромни делови од главниот град.
ТАЈНИ ДОКУМЕНТИ – КИНА
Што се однесува до Кина, американските воени документи ги анализираат можностите и последиците од влегувањето на Пекинг во војната во Украина. Една проценка посочува дека украинскиот удар на руска територија со помош на оружје од НАТО може да го вовлече Пекинг во војна. Исто така, се посочува дека украинскиот напад врз висок политичар во Русија може да дејствува како – „дополнително оправдување за Пекинг да испрати смртоносна помош во Москва“.
Од другите документи кои се однесуваат на Кина, се издвојува оној кој вклучува детали за тестирањето на еден од најнапредните воени пронајдоци на Кина – хиперсоничното оружје DF-27. Според документот, балистичката ракета летала 12 минути на домет од 2.100 километри и имала „голема веројатност“ да навлезе во американските одбранбени системи.
Во еден дел од објавените документи се вели дека британскиот државен секретар за одбрана Бен Валас му наложил на неговото Министерство да ги истражи плановите за распоредување на еден од двата британски носачи на авиони на Индо-Пацификот, потенцијално во врска со азиските сојузници или САД.
Во еден објавен документ се наведува дека кинеската државна компанија била во преговори со Владата на Никарагва во 2022 година за развој на пристаниште на длабоко море. Владата на Никарагва најверојатно ќе размисли да понуди поморски пристап на Пекинг во замена за економски инвестиции, стои во еден извештај.
ТАЈНИ ДОКУМЕНТИ – УНГАРИЈА
Во еден од наводните објавени документи на Пентагон, унгарскиот премиер Виктор Орбан ги нарекол САД како еден од „тројката главни противници“ на неговата партија за време на состанокот на 22. февруари. Во т.н ажурирањето на разузнавањето на оперативниот центар на ЦИА го опиша коментарот на Виктор Орбан како – „ескалација на нивото на антиамериканската реторика во неговиот дискурс“.
ТАЈНИ ДОКУМЕНТИ – МААЕ
Еден извештај, означен како „строго доверливо“, се вели дека ги опишува приватните дискусии меѓу високите ирански политичари за тоа дали да им се дозволи на домашните медиуми да покриваат посета на Рафаел Гроси, првиот човек на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ), и како да се обликува известувањето во корист на иранската Влада. Посебен документ за Иран, кој содржи податоци од пресретнати комуникации и сателитски фотографии, ги опишува подготовките на Иран да тестира нова ракета и сателит за лансирање во вселената.
ТАЈНИ ДОКУЕМНТИ – КАНДА
Меѓу најинтересните разузнавачки податоци за Канада се издвојува оној во кој проруската хакерска група Zarya сподели фотографии од екранот со наводен офицер на руската разузнавачка агенција ФСБ, во кои тие тврдат дека добиле пристап до канадската гасна инфраструктура и може да предизвикаат итно исклучување на дистрибуцијата на гас. Компанијата Enbridge, најголемиот канадски дистрибутер на природен гас, во соопштението од понеделникот сподели дека не бил нападнат или загрозен.
РЕАКЦИЈ НА КРЕМЉ
„Русија почна да ги анализира објавените документите“, изјави во понеделникот портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков, додавајќи дека тие изгледаат „прилично интересно“.
Одредени проруски воени блогери предупредија дека објавувањето на документите на Пентагон треба да се гледа со скептицизам, посочувајќи дека сето ова всушност може да биде американска кампања за дезинформации на јавоста ширум светот.