САД нападнаа три клучни нуклеарни постројки во Иран, објави претседателот Доналд Трамп во саботата навечер.
Објектите се наоѓаат во Фордоу, Исфахан и Натанц – три клучни точки во срцето на нуклеарните амбиции на Иран.
Но, што знаеме за секоја од овие структури?
Натанц
Нуклеарниот комплекс Натанз се наоѓа околу 250 километри јужно од Техеран и се смета за најголем објект за збогатување ураниум во Иран.
Аналитичарите велат дека центрифугите што се користат за збогатување на ураниум – клучна технологија за претворање на ураниум во нуклеарно гориво – се развиваат и склопуваат таму, објавува „Телеграф“.

Според непрофитната организација Иницијатива за нуклеарна закана (NTI), комплексот се состои од шест надземни згради и три подземни структури, од кои две можат да сместат до 50.000 центрифуги.
Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) објави дека во надземната постројка на објектот, Иран збогатувал ураниум до чистота од 60% – додека ураниумот за воени цели се збогатува до 90%.
Фордоу
Многу малку се знае за целосната големина и природата на овој објект, кој се наоѓа во близина на светиот град Ком и е изграден длабоко под планински венец.
Поголемиот дел од информациите достапни денес доаѓаат од ирански документи што ги добила израелската разузнавачка служба пред неколку години.
Се верува дека главните сали се наоѓаат на околу 80 до 90 метри под земја.
Израелските власти и независните извештаи претходно изјавија дека само САД имаат бомби доволно моќни за да удрат на таа длабочина.
Според неодамнешните извештаи на МААЕ, Иран го зголемил производството на збогатен ураниум на 60% во овој објект.
Според експертите и МААЕ, таму моментално има 2.700 центрифуги.
Исфахан
Градот Исфахан, во централен Иран, е дом на најголемиот нуклеарен истражувачки комплекс во земјата.
Според NTI, објектот е изграден со кинеска помош и отворен во 1984 година.

Таму работат околу 3.000 научници, а се сомнева дека објектот е „центар на нуклеарната програма на Иран“.
Управува со три истражувачки реактори испорачани од Кина, како и центар за конверзија, постројка за производство на гориво и други истражувачки лаборатории.