ШТО СЕ СЛУЧУВА !? Во Европа се зголемува бројот на заразени со опасна бактерија отпорна на антибиотици: “Инфекцијата брзо се шири!“
Европа бележи зголемување на бројот на заразени лица со ешерихија коли (E. coli) отпорни на постоечките антимикробни лекови, покажуваат податоците на Европскиот центар за контрола и превенција на болести (ECDC), кој предупредува дека инфекцијата има „брзо ширење“.
„Земјите-членки на Европската унија (ЕУ) и Европската економска област (ЕЕА) пријавија зголемен број на пациенти со E. coli кои го носат генот blaNDM-5, што ги прави отпорни на карбапенеми“, објави ECDC во средината на месец мај.
„Карбапенемите се антибиотици со широк спектар кои се користат како последно средство за лекување на потешки инфекции со ешерихија коли“, соопшти ECDC, предупредувајќи дека видовите на бактериите што носат blaNDM-5 се „веќе воспоставени“ и „претставуваат нова закана“ која може да биде отпорна на другите антибиотици, вклучително и аминогликозиди, флуорохинолони и триметоприм-сулфаметоксазол.
E. coli е најчеста причина за инфекции на крвотокот и уринарниот тракт (ИУТ) во Европа.
Едно истражување на научници од Соединетите Американски Држави (САД) укажува на зоонозата E. coli која се пренесува преку храната која предизвикува половина милион инфекции на уринарниот тракт годишно.
ECDC, агенцијата на ЕУ чија цел е да ја зајакне одбраната на населението во Европа од заразни болести, тврди дека видот отпорен на антимикробни лекови веројатно е поврзан со земјите во Африка и Азија.
ECDC своето тврдење го заснова на информации за патувања и хоспитализација на поединци. Тие укажуваат дека повеќе од 80 проценти од случаите на инфекција би можеле да потекнуваат од области надвор од Европа.
Агенцијата препорачува натамошно зајакнување на мерките за рано откривање на инфекцијата и нејзина контрола, и посочува дека ширењето на отпорен вид во и меѓу здравствените институции, исто така, може да го зголеми товарот што го чувствуваат здравствените системи низ Европа.
Повеќе од 35.000 луѓе годишно умираат во европските земји како резултат на инфекции отпорни на антибиотици.
„Сојот E. coli кој го носи генот blaNDM-5 се шири брзо и на поголем географски размер. Затоа, постои ризик дека бројот на случаи на инфекција со E. coli отпорни на карбапенем ќе се зголеми во ЕУ/ЕЕА веќе во рамките на следните години“, предупредува во соопштението ECDC.