Шукова и Григоријан во теренска посета за отпочнување на санација на коритото на Вардар во Јегуновце и Гостивар

Министерката за животна средина и просторно планирање Каја Шукова, постојаниот претставник на УНДП Армен Григорјан и градоначалникот општина Јегуновце Димитар Костадиноски денеска ќе направат теренска посета на локацијата во селото Туденце, каде што отпочнуваат работите за санација и регулација на коритото на горниот тек на река Вардар во Јегуновце.

Како што соопшти Министерството за животна средина и просторно планирање, активноста за зголемување на отпорноста кон поплавите во оваа општина, која често е подложна на овој вид природни катастрофи, се спроведуваат во рамките на проектот „Подобрување на отпорноста кон поплави во Полошкиот регион“.

Проектот е финансиран од Швајцарија, а кофинансиран и од Министерството за животна средина и просторно планирање кое го имплементира во партнерство со УНДП.