Ѓилас до Вучиќ: Пред избори исполни ги барањата на протестот и подобри ги изборните услови

– Претседателот на Партијата за слобода и правда (ССП), Драган Ѓилас, оцени дека секоја политичка криза се решава со избори, но дека пред да бидат распишани треба да се исполнат барањата на протестот „Србија против насилството“ и да се подобрат изборните услови. Тој воедно реагираше и на изјавата на рускиот амбасадор во Белград, кој протестите во Белград ги спореди со „обоени револуции и Мајдан“, јави дописникот на МИА од Белград.

-Му препорачувам на (српскиот претседател) Александар Вучиќ да не распишува избори без да ги исполни барањата на протестот, како и да ги дефинира изборните услови прифатливи за опозицијата, изјави Ѓилас за денешниот весник „Нова“.

Тој оцени дека поддршката за Српската напредна партија (СНС), поради реакциите на нејзините членови на протестите, „вртоглаво опаѓа“.

-Поддршката за СНС вртоглаво опаѓа, бидејќи протестите и сето она што ни се случува покажаа апсолутна неспособност, но и целосна неемпатија кон граѓаните, рече Ѓилас.

Тој преку соопштение на неговата партија ССП реагираше на изјавата на рускиот амбасадор Александар Боцан-Харченко за протестите „Србија против насилството“ порачувајќи дека тој мора итно да се врати во рамките на својата дипломатска мисија и Виенската конвенција и да престане да ги навредува граѓаните на Србија ставајќи ги во улога на странски агенти и марионети.

-Со своите изјави покажува и покрај годините поминати во Србија дека не ја разбира нашата земја и нашиот народ. Сонувајќи за Мајдан и странска интервенција, тој го брани Вучиќ од сопствениот народ, кој не сака ни крв ни немири, туку излез од хаосот и несигурноста во која не втурна овој режим, рече Ѓилас.

Тој истакна дека амбасадорот на Руската Федерација по којзнае кој пат кажува невистини за големите достоинствени протести на граѓаните на Србија против насилството.

-Тој не застана на бесмислените тврдења дека протестите во Белград и ескалацијата на нападите врз Србите на северот на Косово се управувани и координирани од западните центри. Тој продолжи со нова изјава во која мирните протести на луѓето во Србија ги споредува со обоените револуции и Мајдан, тврдејќи дека трагедијата е цинично искористена за напад на власта која води суверена политика, рече Ѓилас.