Ѓоковиќ: Можеби еден ден и син ми ќе заигра на Ролан Гарос

Новак Ѓоковиќ експресно се пласираше во четвртфиналето на Ролан Гарос, откако денеска во осминафиналето славеше со максимални 3-0, по сетови 6-3, 6-2 и 6-2 против Перуанецот Хуан Пабло Вариљас.

Тој стигна до своето 17. четвртфинале на турнирот во Париз, а по мечот изјави дека еден ден можеби и неговиот син Стефан ќе заигра на овој турнир.

„Големо задоволство е што моите деца се тука. Тие ќе бидат таму и утре, а потоа треба да се вратат во Србија на училиште бидејќи тоа е поважно од гледањето на Ролан Гарос. Мојот син сака тенис и јас сум друга личност кога сум со него. Јас сум многу позитивен и чувствувам многу љубов и инспирација да играм добро кога тој е во близина. Можеби еден ден и тој ќе заигра на „Филип Шатрие“, изјави Ѓоковиќ.