Јакимовски: Цената за стан се движи од 2.500 до 3.000 евра за квадрат, ова е најитниот проблем за еден млад човек
Градоначалникот на општина Карпош, Стевче Јакимовски, оценува дека најголемиот проблем во земјава не се цената на основните прехранбени производи, туку главниот проблем е цената на становите и дека тие се „кренале до небо“.
„Цената на стан се движи од 2.500 до 3.000 евра (по м2), ова е најитниот проблем за еден млад човек и за мене како татко. Сакате да му обезбедите домување на вашето дете. Да речеме е ангажиран полицаец за почетна плата од 27 илјади денари без тие бонуси. Па, кога ќе го купи тој стан? Со 400 илјади не се купува…“, рече Јакимовски, додавајќи дека во салоните во земјава „веќе нема возило под 40 илјади евра“.
За минатите обвинувања од власта и од опозицијата дека е „соработник и член на урбаната мафија“, Јакимовски рече дека изградбата на згради во општина Карпош треба да се споредат со онаа во општина Аеродром и да се види кој соработува со мафијата.
„Јас сум член на урбана мафија со вкупно 37 изградени трикатни згради во општина Карпош, додека општина Аеродром со 200 згради на 8 ката, таму нема ниту еден мафијаш!? Имав станови, но тие немаа? Дали гледате во што се претвора општина Аеродром? Во џунгла на асфалт“, потенцира Јакимовски.
Претходно Јакимовски рече дека министерот за транспорт и врски, Александар Николоски, не дозволува нови градби во општината, за да може вештачки да ги зголеми цените на веќе изградените градежници.