Јаневска: Агенцијата за квалитет во високото образование ќе се реформира бидејќи не ги задоволува потребите
Новиот закон за високо образование на кој работиме предвидува реформа на Агенцијата за квалитет во високото образование, за која очекуваме институцијата да функционира, рече министерката за образование и наука, Весна Јаневска, на денешната прес-конференција.
„Жал ми е што го кажувам, но факт е дека работата на Одборот за акредитација, поточно на Агенцијата за квалитет во високото образование, не ги задоволува потребите на релативно слабиот образовен систем и проблемите што постојат во високото образование. Очекуваме нов директор на Агенцијата за квалитет на високото образование, откако стариот беше разрешен од Собранието. Собранието ќе распише конкурс, ќе има нов директор. Но, новиот закон за високо образование на кој работиме предвидува реформа на оваа институција со која очекуваме институцијата да биде функционална и да ги исполни функциите што треба да ги извршува“, потенцира Јаневска.
Одговарајќи на новинарски прашања зошто некои студии не се акредитираат иако има интерес за нив, таа рече дека не може да каже зошто досега имало пречки од ваков вид.
„Ова прашање треба прво да го упатите до Одборот, до директорот на Агенцијата и до членовите на Одборот за акредитација и евалуација. Од постоењето на Агенцијата, за жал, не е направена евалуација. Сакавме да го направиме тоа лани, издвоивме средства, но не успеавме поради внатрешни проблеми во Агенцијата“, објасни министерката Јаневска.