По интензивна децениска заложба на државата за враќање на квалитетот и вредноста на средните стручни училишта и за повторно афирмирање на неформалниот систем на обука, денеска можеме да кажеме дека имаме модерен и атрактивен систем на стручно образование и обука, рече денеска министерката за образование и наука Весна Јаневска.
Во обраќањето на настанот по повод заокружувањето на проектот за зголемување на привлечноста, релевантноста и инклузивноста на стручното образование и образованието на возрасните, Јаневска оцени дека земјава може да се пофали со полни средни стручни училишта во кои учат над 70 отсто од вкупниот број средношколци, како и со добро опремени училишни објекти и реформирани наставни програми со поголема застапеност на практичната обука, за сметка на теоретската настава.
– Воспоставен е концепт на дуално образование со вклученост во наставата на над 550 компании, развиен е систем на стипендирање ученици кои одбираат стручно образование со преку 1 500 стипендии на годишно ниво, а формирани се и три регионални центри за стручно образование и обука, два во развој и три нови што допрва ќе ги етаблираме во преостанатите плански региони, потенцира министерката.
Ова се, рече, поважните остварени резултати од проектот поддржан од ЕУ.
Според Јаневска, иако проектот завршува, соработката со експертите ќе продолжи.
-Имаме уште обврски за кои очекуваме помош, како оние од Планот за раст на ЕУ за Западен Балкан, каде јасно е потенцирана важноста на образованието, истакна Јаневска.
Таа потсети дека во моментов се надградува законската регулатива која го уредува средното, стручното образование и обуката, како и образованието на возрасните. Од голема важност е, подвлече, низ инклузивен процес да се формулираме новата правна рамка, за практична спроводливост и висока ефективност.
На настанот, покрај експертите од проектот, присуствуваат и претставници од образовниот сектор.
Проектот се реализираше 36 месеци.