Јаневска: Ги интензивираме превентивните активности во училиштата за да ги спречиме младите да користат тутун и електронски цигари
Во организација на Аналитика Тинк Тенк, денес во Скопје се одржа регионална работилница на тема „Зајакнување на соработката меѓу медиумите, експертите и институциите за подобри политики за контрола на тутунот и заштита на јавното здравје во Западен Балкан“.
Во дискусијата учествуваше и министерката за образование и наука, Весна Јаневска, која истакна дека образованието е најдобриот механизам за подигање на свеста кај младите за здрави навики и грижа за личното здравје.
„Нашиот образовен систем е структуриран така што здравственото знаење е застапено во сите одделенија по редовните предмети, особено по „Природни науки“, а од оваа учебна година воведовме нов изборен предмет во 7-мо одделение „Учење за моето здравје“ и со поддршка на Светската здравствена организација подготвивме водич за наставниците како да го предаваат предметот, кој вклучува и аспекти посветени на здравствените последици од употребата на тутун и електронски цигари“, нагласи Јаневска.
Зборувајќи за мерките што се спроведуваат на национално ниво како дел од превентивните политики, министерката нагласи дека оваа година, со законски измени, основните и средните училишта се обврзани, покрај програмите за заштита од насилство, злоупотреба и занемарување на учениците, спречување на дискриминација, малолетничка деликвенција и слично, да спроведуваат и програми за превенција од злоупотреба на алкохол и тутун, злоупотреба на дроги и други психотропни супстанции.
Во новата учебна година, Министерството за образование и БРО, заедно со Канцеларијата на Обединетите нации за дрога и криминал и Меѓународната федерација на Лајонс клубови, ќе обучат 50 стручни соработници и 150 наставници во 50 основни училишта за спроведување на превентивната програма „Вештини за адолесценција“. Станува збор за структурирана програма заснована на докази за превенција од употреба на цигари, дрога и алкохол, која досега успешно се спроведува во 105 земји низ целиот свет, додаде министерот.
Таа нагласи дека секогаш има простор за унапредување на здравственото образование во училиштата и дека институциите работат во таа насока.
„Образованието е жива материја и се прилагодува на времето и трендовите. Очекувам токму од оваа работилница, различните искуства и практики што ќе бидат споделени, да ни помогнат на сите да ги унапредиме националните политики“, рече Јаневска.