Затворени се 5 приватни научни институти, а во 15 биле констатирани неправилности кои биле принудени да ги отстранат во соодветен рок. Ова е резултатот од досегашната контрола на комисијата во МОН создадена за оваа намена, изјави Министерката за образование и наука, Весна Јаневска.
„Некои од заводите се затворени поради неактивност, а дел поради неисполнување на законските услови за работа. Онаму каде што констатиравме неправилности, поставен е рок од три месеци за нивно отстранување. Но, мислам дека бројот на затворени научни институти ќе биде поголем“, изјави Јаневска за „Алфа“.
Министерот за образование рече дека само два институти целосно ги исполниле условите за работа.
Јаневска нагласи дека дел од образовните институции не сакале да соработуваат за време на инспекциските контроли, дел од нив дури и им се заканувале на вработените во министерството.
„Сè што правиме е за подобро образование, ниту една дејност нема политичка заднина. Ова е прво предупредување да престанеме со заканите, а следно ќе биде пријавувањето и врз основа на ова ќе постапат другите надлежни институции“, додаде Јаневска.