Јаневска: Квалитетот во високото образование не е само поради Шангајската листа, туку за да се помогне на државата

Важно е да се зборува за квалитетот на нашето високо образование, но и да се преземат конкретни акции за негово континуирано подобрување, усогласување со европските стандарди и усогласување со реалните потреби на пазарот на трудот и општеството како целина, нагласи министерката Весна Јаневска во својот говор на првиот годишен Форум за квалитет во високото образование организиран од Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопјe.

Во време на економски, технолошки и социјални предизвици, потребни се универзитети кои, покрај знаењето и вештините, ги подготвуваат студентите за работа во услови на глобална конкуренција и чести промени.

Јаневска нагласи дека оваа Влада е свесна за неопходноста од реформирање на повисокото ниво на образование и поради таа причина презема конкретни мерки и активности насочени кон системски промени.

„Активно работиме на подготовка на нови законски решенија за високото образование и истражувачката и научната дејност. Законите, сами по себе, не можат да го подигнат универзитетот повисоко на Шангајската листа, но ако академската заедница прво се вклучи во нивното донесување, а потоа ги почитува, ќе можеме да изградиме високо образование со повисок квалитет“, нагласи министерката Јаневска.

Во својот говор, Јаневска ги истакна конкретните чекори што Министерството за образование и наука ги презема за подобрување на научната продуктивност и интегрирање на Македонската академска заедница во глобалниот истражувачки простор.

Научните бази на податоци Web of Science и Scopus се достапни бесплатно за професори, научници и студенти на јавните универзитети оваа година. Буџетот за наука е зголемен од 380 на 680 милиони денари, а оваа година, за прв пат по многу години, преку три повици за научни и истражувачки проекти во јавните високообразовни и научни институции, АВОН и бизнис-заедницата беа доделени 374 милиони денари. Академскиот кадар е високо почитуван, додека платите на универзитетските професори се зголемија за 14 проценти од јануари.

Проширувањето на академскиот простор донесе квантитет, но не и квалитет. Спроведовме сериозни инспекции на високообразовните и научните институции, а резултатот е: 14 приватни научни институти и 1 приватен факултет беа затворени, поради неправилности во нивното работење и неактивност по забелешките дадени од Просветниот инспекторат и Министерството за образование.

„Ова не е кампања, туку ќе биде тековна активност“, објасни министерката Јаневска, додавајќи дека ќе следи реформа на Агенцијата за квалитет на високото образование, како и создавање на првиот државен научно-технолошки парк во Македонија.