Јаневска: Македонија е на дното на рангирањето по основ на лингвистичката и математичката писменост на учениците

Образовните политики, ако може така да се наречат, кои во изминатите години ги спроведуваа Владата на СДСМ и ДУИ, доживеаја целосен колапс, изјави првиот човек на Комисијата за образование и наука на ВМРО-ДПМНЕ, Весна Јаневска.

Образовниот систем во земјава, вели таа, го допре дното и за ова веќе имаме потврда од ОЕЦД како најрелевантна меѓународна организација која го мери знаењето на студентите.

„Резултатите од последниот ПИСА тест спроведен во 2022 година за жал се катастрофални. Значително намалено во однос на резултатите постигнати на претходното тестирање во 2018. За потсетување, ПИСА го мери нивото на јазична писменост, поточно читање со разбирање, математичка писменост и писменост од областа на природните науки на ученици на возраст од 15 години. Македонија е на дното на рангирањето и во конкуренција со земјите од таканаречениот Трет свет. Поточно, од вкупно 81 земја кои беа дел од тестот, ние сме на 71 место по читање со разбирање, на 68 место по знаења од областа на природните науки и на 61 место по постигнувања во областа на математиката. Во сите три области нашите студенти постигнуваат значително потпросечни резултати“, рече Јаневска.

Таа обвини дека тоа е резултат на непромислени и насилни промени во образовниот систем во последните 7 години, почнувајќи од Рената Дескоска, Арбр Адеми, Мила Царовска, па се до актуелниот министер Јетон Шаќири.